• понеделник, 15 април 2024

Агелер и Гир: Украина ќе победи со наша помош и за тоа нема алтернатива

Агелер и Гир: Украина ќе победи со наша помош и за тоа нема алтернатива

Скопје, 26 февруари 2024 (МИА) - Амбасадорката на САД во државава Анџела Агелер на конференцијата „Украина – две години хероизам“ денеска истакна дека по почетокот на војната украинските херои продолжуваат да се борат и оти нивната храброст и сила освоила мали и големи победи и покрај тоа што преживеа големи загуби. Украина, рече Агелер, ќе победи со сета наша помош, и за тоа нема алтернатива.

-Не само што запреа голем непријател, туку ги запреа стоките на Русија да одат на светскиот пазар, продолжија да даваат и испорачуваат струја и услуги, ја реформираа државата и таа се придвижува напред кон членство во трансатлантските институции. Украина ќе победи со сета наша помош. Нема алтернатива, рече Агелер на конференцијата во Скопје, во организација на Амбасадата на Украина. 

Заложбите, посочи американската амбасадорка, не може да бидат повисоки и се многу поголеми од границите на Украина.

- Нелегалната брутална војна на Русија не’ потсетува на заканите коишто ги даваат авторитарните режими, важноста да се одбраниме од силеџиите и да се бориме за демократија и за слобода. Денеска повторно се заложуваме за кауза и за мир и за правда. САД останува на своето место, останува на својата поддршка за Украина и за нејзините државјани. Слава на Украина, рече Агелер.

Светот гледаше со загриженост и искреност, со неверување, додаде таа, како во зимата 2022 година додека Путин собираше војска пред границите на Украина и пред две години гледавме како ужасната и бруталната инвазија врз Украина започна.

- Путин и многу други сметаа дека руската воена моќ ќе го прегази Киев за една недела и ќе ја заземе земјата за еден месец. Но, тоа не се случи. Украинците со САД, НАТО и други партнери, вклучувајќи ја и Европската унија застанаа во отпор и рекоа не. Украинците не се предадоа. Тие се бореа. Претседателот Зеленски не избега од државата, туку остана и ја водеше државата. Западот не го сврте грбот, ние се обединивме и ги здруживме силите, а НАТО наместо да се распадне – порасна, рече Агелер.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир на конференцијата истакна дека Унијата е и ќе продолжи да биде еден од најголемите пријатели на украинскиот народ. Тој потсети дека 4,2 милиони украинци користат привремена заштита во земјите од ЕУ, на политичка поддршка што ја вклучува и историската одлука од минатиот декември да се отворат преговорите за прием во ЕУ, како и на огромната финансиска, техничка и хуманитарна помош, како и нашата воена поддршка заедно во износ од 90 милијарди евра. 

Во Скопје денеска се одржува конференција за одбележување на двегодишнината од почетокот на војната во Украина. На првиот панел се обратија претседателот Стево Пендаровски, украинската амбасадорка во земјава, министри и повеќе други претставници. ев/лв/

 

Остани поврзан