• недела, 22 декември 2024

Австрија најавува нови мерки за борба против тероризмот по заговорот за напад на концертот на Тејлор Свифт

Австрија најавува нови мерки за борба против тероризмот по заговорот за напад на концертот на Тејлор Свифт

Виена, 13 август 2024 (МИА) - Австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска изјави дека ќе преземе мерки за подобрување на капацитетот на земјата за борба против тероризмот, откако минатата недела властите спречија заговор за напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена.

Во објава на Икс, Нехамер посочи дека ќе претстави пакет мерки кои ќе овозможат „решителни акции против терористички активности“.

Објавата е поврзана со информациите на австрискиот весник „Кронен Цајтунг“, кој пишува дека канцеларот ќе предложи план од четири точки за зајакнување на безбедносните служби. На пример, службите ќе добијат овластувања за следење на пораките испраќани преку комуникациски апликации – нешто што моментално не е дозволено во Австрија.

По спречувањето на наводниот терористички заговор, Нехамер, кој ќе се бори за реизбор следниот месец, изјави дека Австрија треба да им даде на разузнавачките служби повеќе овластувања за дешифрирање на пораките.

Анкетите покажуваат дека главна закана за Австриската народна партија (АНП) на Нехамер е крајнодесната Австриска партија на слободата, која води во трката за победа на парламентарните избори на 29 септември. Партијата е против „исламизацијата“ на Австрија и ветува дека ќе го забрани политичкиот ислам.

Нехамер најави дека ќе ги претстави своите планови на седница на австрискиот Совет за национална безбедност подоцна денеска.

Според „Кронен Цајтунг“, пакетот вклучува предлози за борба против политичкиот ислам преку заострување на правилата за правото на собири за групи кои се сметаат за непријателски кон демократијата.

Други мерки се насочени кон дерадикализација на екстремисти и олеснување на задржувањето во притвор на малолетници осомничени за тешки кривични дела.

Австрија има строги закони за заштита на личната приватност, а напорите на АНП за олеснување на надзорот на комуникациските апликации се соочуваат со отпор од помалиот коалициски партнер – Зелените. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан