• вторник, 10 септември 2024

Австралија ќе ги забрани социјалните мрежи за деца

Австралија ќе ги забрани социјалните мрежи за деца

Канбера, 10 септември 2024 (МИА) – Австралија планира да воведе нови закони до крајот на годината кои ќе ги спречат децата да користат социјални мрежи поради ризиците што тие ги претставуваат за нивното физичко и ментално здравје, изјави утринава премиерот Ентони Албанезе.

- Сакам децата и младите да се оддалечат од своите уреди. Сакам да ги гледам на фудбалски терен, базен или тениско игралиште. Сакам да имаат вистински искуства со вистински луѓе бидејќи знаеме колкава штета можат да направат социјалните мрежи, изјави Албанезе за националната телевизија.

Австралискиот премиер не беше прецизен за старосната граница под која нема да се дозволи користење на социјалните мрежи, но рече дека тоа ќе биде меѓу 14 и 16 години. Дополнително, тој нагласи дека е загрижен за ефектите кои кибер-малтретирањето ги има врз менталното здравје на децата, како и за лесната достапност на содржините на социјалните мрежи кои ги смета за штетни.

Досега неколку земји се обидоа да го ограничат пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, но правните предизвици и технологијата, како што се приватните мрежи кои ја прикриваат локацијата, се покажаа како најголеми пречки во овој потфат. јт/

Остани поврзан