• понеделник, 25 ноември 2024

Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“: Забележуваме стагнирање од минатата година, нема некаков напредок во правосудството

Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“: Забележуваме стагнирање од минатата година, нема некаков напредок во правосудството

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Според годишните мониторинг извештаи за 2023 година на Коалицијата „Сите за правично судење“, во најголем дел од индикаторите се забележува стагнирање од минатата година и дека нема некаков напредок, во правосудството. Извршниот дирекот на Коалицијата, Дарко Авромовски на денешната годишна Конференција за презентирање на извештајот истакна дека за жал оваа година е една од полошите години за македонското правосудство.

-Меѓутоа годината ја одбележаа серија инциденти кои во суштина беа поттикнати и изворно доаѓаа од Судскиот совет и Совет на Јавни обвинители кои треба да бидат оној гарант и заштитник на судската независност и чинителите коишто треба да придонесат за напредување на судството во целина во нашата држава.

Во однос на најклучните моменти од извештајот кои се бележат во изминатата година рече дека за Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители замерките се исти како што биле минатата година, односно, отсуство на образлагање на своите одлуки и отсуство на каква било проактивност за актуелните состојби бидејќи тие работат исклучиво само избирање и напредување на судии и јавни обвинители.

-И покрај тоа што имаше многу наводи за корупција изминатава година, што потекнува и од самите членови на Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители, имаше истражување за перцепциите на судиите во поглед на корупцијата во правосудството, немаше ниту една седница каде кое било од овие совети макар да ги дискутира ваквите наоди за да им оддаде признание дека барем ги перцепира и ги доживува како сериозни, рече Аврамовски.

Додаде дека не се забележува никаква проактивност, туку само слаб одговор од страна на судиите и на јавните обвинители на состојби, за кои, како што посочува, требало да има некаков организиран став од нивната страна.

-Тука особено мислам и на измените на Кривичниот законик кој во огромна мера има импакт со високо профилирани медиумски експонирани случаи, но особено случаите што се поврзани со висока корупција затоа што се намалија токму тие казни, што меѓу другото оневозможи и водење на соодветна истрага за ваквите кривични дела што е голем удар врз правосудството, нагласи тој.

Во однос на прашањето околу нивниот коментар за огласот на Судскиот совет за избор на шест судии во врховниот суд посочи дека има исклучителни ситуации кога мора да се постапи и треба да се отстапи од ранг листата, но рече дека за тоа треба да се даде детално и темелно образложение коешто ќе ја придобие довербата како на јавноста така и на кандидатите кои се прескокнати.

Во однос на прашањето околу 40-те препораки дадени вчера по оценската мисија во Судскиот Совет од кои 17 треба да ги спроведе самиот Судски совет и дали извештајот е навистина лош во однос на нивната работа, Аврамовски рече дека да се даде темелно образложение на својот глас за или против некој кандидат не е прашање коешто треба да се решава со закон или со финансирање на советот, туку тоа е прашање само на волја на членовите на Советот. сх/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан