• понеделник, 23 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
18 октомври 2020 Наши светилишта Свети Јован Бигорски Кога патувате по текот на реката Радика секогаш ве очекуваат изненадувања во глетката на пејсажот. И независно од тоа дали патувате напролет, кога будењето на природата овде е највидливо, или пак наесен, кога спектарот на боите од растителната и шумска вегетација е неброен, секогаш имате чувство дека она што го гледате е за прв пат видено, дека е неповторливо, дека е невидено. И така додека сте загледани во пенливите валми на проѕирно сината вода од Радика што ги мие камењата довлечкани и раштркани низ коритото на Радика, така да се рече одненадеж погледот ваш е вкопан во еден стар културно-историски споменик, што ја надополнува дивината на реката и убавината на пејсажот. Вие го гледате манастирот Свети Јован Бигорски изграден од левата страна на реката Радика веднаш во подножјето на еден од разграноците на убавата планина Бистра. И пред да влезете во кругот на манастирот, ве покануваме како што тоа го сторивме и ние да го погледнете од спротивната страна на реката. Поточно од една височина од селото Требиште од која како на дланка се гледаат многу села од Долна Река. Под планината, среде бујна шумска вегетација, црквата и манастирските конаци изгледаат како замок од бајките. Но да одиме со ред, да ја прелистаме неговата историја. Преданието, а и досега објавената литература, основањето на манастирот со неговата црква временски го поместуваат во единаесеттиот век. Едно предание што го забележал светогорскиот монах и зограф Теофил во 1851 година вели дека на местото каде што една чудотворна икона без покрив под отворено небо на една бигорска карпа останала 33 години е изградена мала црква. Иконата датира од 17 век и е несомнен доказ за постоењето на стара црква. Лоцирана на источната страна од манастирскиот комплекс, црквата што е изградена во 1800 година претставува главен мотив на манастирот. Формирањето на манастирскиот комплекс што ги опфаќа конаците, коскарницата, чешмата и другите економски придружни објекти, одело по овој редослед: Најпривин е изграден горниот палат – стариот конак во 1814 година. Тоа е еден од најпретставителните и функционални објекти. Има приземје и два ката. Свртен е со погледот кон дворот на манастирот. Поради нивото на земјиштето приземјето е издигнато. Во него се сметени економските простории: големата магерница (манастирска кујна) и бачилницата. Да ги прошетаме и двата ката. На нив се наоѓаат келии за монаси и игуменот, како и простории за книгодарилница (библиотека). Работен во духовно сродство со старата македонска градска архитектура, стариот конак претставува ретко успешно остварен ритам на хармонија и пропорции. Градењето на манастирскиот комплекс траел скоро две децении и веднаш по завршувањето на стариот конак во 1814 година се подигаат нови објекти: машката и женската долна трпезарија, две пространи одаи, две пекарници, житница и чардак. Со осет за мерка но и големо чувство за убавина збогатен е ентериерот на машката трпезарија со резбани тавани и исти такви елементи на прозорците. И сите придружни објекти се со отворени видици во двата правца: кон дворот на манастирот и кон широката панорама на Крчин и реката Радика. И не не чуди верувањето на луѓето од овој крај дека Крчин е стара и света планина како и добронамерната изрека „Да остариш како Крчин“. Јужно од црквата во 1827 година е изградена коскарница. Тоа е гробница изѕидана од делкан зелен камен. За момент да влеземе и во манастирската црква. Таа поседува живопис од повеќе автори, кои работеле во различни временски периоди. Откако во 1800 година градбата на црквата била готова биле преземени мерки за што подостоинствено да биде украсена. Во 19 век на христијанското население му било забранувано да ги украсува светилиштата однадвор. Затоа тие со особен интерес го правеле тоа однатре. Изборот на зографот (чие име сеуште не е познато) не бил случаен. Тој сигурно припаѓал на генерацијата школувани зографи што имале поуки од византиската уметност. Во третата деценија од минатиот век за изведување на сликарските работи од новиот иконостас биле поканети зографите Михаил, неговиот син Димитрие и неговиот брат Никола. Михаил, како зограф е вистинскиот мајстор на својот занает. Тоа најубаво може да се заклучи ако се гледаат престолните икони во црквата. Неговиот син пак Димитрие подучуван од својот татко израснал во угледен зограф и со зрелоста на своите настојувања и дава печат на својата уметничка индивидуалност. Делото на овие двајца зографи, татко и син, успешно го продолжил Димитар Дичо Крстев – зограф, роден во блиското мијачко село Тресонче. И пак за момент да се вратиме во големата трпезариска сала, најголема од таков вид во Македонија за да ги погледнеме ктиторските портрети на Арсение Хаџи серафим и Грегориј митрополитот Мелетие, јеромонахиот Теодосије и игуменот Јоаким, работени од зографите што ги споменавме. Да го кажеме и тоа дека овој манастир не бил само место за молење туку и стража за чување на словенското чувство особено изразена преку Мијаците. Овде низ овој манастир минале Кирил Пејчиновиќ, архимандритот Анатолиј Зографски и многубројни други непознати учени. За време на Илинденското востание во овој манастир на чело бил игуменот Партение. Тој и неговите монаси му биле на услуга на галичко-реканскиот револуционрен комитет. Манастирот не само што служел како собиралиште на видни револуционерни дејци туку во исто време бил и складиште за оружје како и работилница за поправка. Овде во квечерината на Илинден двајца монаси излеале два топа кои со помош на организирани галичани биле пренесени преку планина Бистра во селото Душегубица -Кичевско. Со плотуни од тие два топа, ноќта спроти Илиндед било разгласено Илинденското востание во Копачијата. Од богатото уметничко наследство што е сместено во манастирот свети Јован Бигорски ја издвојуваме на прво место резбата во дрво овековечена од прочуените Мијаци – копаничари Петре Филипович и неговиот брат Марко, родени во селото Гари како и Макарие Фрчковски, роден во селото Галичник. И тројцата како автори на иконостасот ги оставиле своите ликови на еден дел од него. Идеен творец на иконостасот е Петре Гарката. Очигледно тоа е негово монументално дело. За името на Петре Филипович Гарката се вели дека високо се издига меѓу имињата на македонските мајстори – резбари. Тој е склуптор на дрво и е надарен со редок усет за пластика. И навистина творештвото што го оставиле овие мијачки копаничари претставува извонредно уметничко остварување. Во филигранска изработка на орнаментиката се употребени растителни и зооморфни мотиви, меѓу кои се вклопени и човечки фигури, не само поединечно туку у композиционо со теми од Библијата. Вредноста на манастирот „Свети Јован Бигорски“ гордоста на нашата архитектура, фрескоживописот, и особено иконостасот доказ за опстојувањето наше низ вековите, е согледано уште одамна. За среќа на генерациите што доаѓаат. Од книгата „По долината на Радика“ од Блаже Смилевски, Куманово, 1998. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан