• среда, 27 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
17 јули 2020 Од минатото на тиквешијата „Германците идат“ и „Врапче“ Првата претстава беше „Петимениот Ѓоре“ или како што популарно се викаше „Ѓоре Магаревски“ од Владо Малевски. Режисер на претставата беше Милан Даскалов кој ја играше и главната улога и настапуваа и: Лазар Грозданов, Илија Каровски, Илчо Бањански, Манчо Мешков, Коце Каров и други. Претставата беше подготвена само за една недела, а првата изведба беше на отворена сцена на градскиот плоштад во Кавадарци по еден масовен митинг на кој зборуваа Мито Хаџивасилев – Јасмин, Боро Ангелов – Ваташки и други, но претставата не го доживеа крајот. Одеднаш се слушнаа татнежи и гласови: „Германците идат“ и народот почна да се растура. Тоа беше во октомври 1944 година кога Неготино уште не беше ослободено од германскиот окупатор па еден моторцикл со приколка беше заскитал од Неготино кон Кавадарци, но и беше пресретнат од единиците на Народноослободителната војска (веројатно од некои единици на деветта Народноослободителна ударна бригада) па мораше да се врати назад. И покрај овој немил настан од утредента театарската група продолжи да работи. Се подготвуваа едночинките: „Хитлер во агонија“, „Девојчето од север“, „Сонцето од исток“, „Господин редов“ и други кратки и за тоа време актуелни едночинки и скечеви. Сите тие театарски претстави беа изведувани во тогашното кино „Балкан“ (три пати во неделата), а сите претстави беа преполнети со љубители на театарот. Задолжително пред секоја програма беше изведувано „Врапче“ со најновите вести од светот, рецитации и партизански народни песни. Еве како започнуваше едно „Врапче“. Јас сум врапче, цел ден летам, и низ светот сал си шетам, се што гледам ќе ви кажам и не сакам да ве лажам. Во Русија борби тешки, за Германците се жешки, Сталин бие нема шега, беден Хитлер, стално бега. Од Лондон пак абер иде, кралот сакал да не виде, а ние му порачујме, и умно го советујме: Да си седи мирно таму, и да не се враќа ваму. Не ни треба кралска влада за народот пак да страда. Си имаме наша војска, млада, силна, македонска, па животот ќе го прајме, како ние што си знајме. На Дреновската Клисура, нема ден да нема бура, там се борат наши сили, горат тенкои автомобили, а германските тенкови се преврќаат на меови. Курс се држи за учители, и за нови учителки, нема веќе школо српско, нема ниту пак бугарско, ќе учиме македонски убав јазик наш мајчински... итн. Врапчето или како што понекогаш го нарекуваа „рапортот“ обично го пееја Лазо Грозданов, Илија Каровски, Цане Грков, Костадин Манчев или некој друг член од театарската група. Театарската група стануваше се популарна и многу нови членови се приклучуваа во нејзиното работење. Се дојде до идеја да се подготви македонската драма „Печалбари“ од Антон Панов. Во декември 1945 година беа поделени улогите и се отпочна со пробите, тие траеја по цел ден и веќе кон крајот на месецот беше закажана премиерата. Режисер на претставата беше Милан Даскалов кој воедно играше и две улоги. Играа уште Лена Миткова, Андре Чулев, Васка Биџова (во тоа време евакуирана во Кавадарци), Лазар Грозданов, Ката Шемова, Манчо Мешков, Илија Каровски, Љупчо Бакев, Александар Грков, Коце Каров. Претставата имаше голем успех и по желба на публиката беше прикажана повеќе пати со посебни претстави за АФЖ за граѓанството и за младината. Потоа следуваше „По неволја доктор (подоцна преведена „Со сила лекар“). Таа се преведе од бугарски јазик. Преводот го направи Илија Каровски, а на машина го отчука Ласко Мукаетов. Преводот направен за два дена и бил накалемен кавадаречки – дијалект, помешан со прилепско-битолско наречје – изјавува Илија Каровски. Наоѓајќи го оригиналот – превод отчукан на машина тој завршува вака: „Сега е точно 24 часот. Каровски го заврши преводот Ласко го отчука текстот на машина, а еве Лазо Грозданов – Ролиќ и Манчо Вешков го испеко сланотукот на печката, па ќе можеме малку да се освежиме.“ Подготовките завршија кон крајот на декември, а премиерата се одржа во јануари 1945 година. Одлагањето дојде поради тоа што театралната група доби задача да го подготви пречекот на Новата година. Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945“, од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 1910 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан