Во Гостивар почна реализацијата на капитални проекти во инфраструктурата
- Градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, денеска по обиколка на градот напомена дека е започната реализацијата на капитални инфраструктурни проекти кои се финансирани од првиот повик на владата.

Гостивар, 12 март 2025 (МИА) – Градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, денеска по обиколка на градот напомена дека е започната реализацијата на капитални инфраструктурни проекти кои се финансирани од првиот повик на владата.
Од вкупно тринаесет, колку што ѝ беа прифатени за финансирање, на три веќе се работи, а меѓу покрупните е уредување на улицата „13“ во близина на основното музичко училиште.
Почетокот на работите го следеше и градоначалникот со соработниците при што кажа дека освен основниот проект за реконструкција, работите ќе се прошират со замена на водоводната цевка која минува под улицата.
- Со проектот кој ја доби владината поддршка беше предвидено асфалтирање, но решивме да вложиме општински пари и да се изврши замена на водоводната инсталација, рече в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани.
Работите треба да завршат до крајот на април. Во моментов се вади стариот асфалтен слој и екипи на ЈП „Комуналец“ ја уредуваат подземната водоводна инсталација. Вложувањето има вредност од 6,5 милиони денари, од кои 4,5 милиони се за асфалтирање и 2 милиони денари за новата водоводна цевка.
Првиот човек на општина Гостивар посочи дека наскоро треба да започнат работите на покрупните проекти кои се дел од владиниот пакет за поддршка на локалните самоуправи.
- Во моментов работи се одвиваат на старата улица „Балиндол“ и улицата „Никола Тесла“. Наскоро почнуваат работите на уште три локации. За помалку од еден месец ќе започнат два крупни проекта. Еден по булеварот од населбата „Малеарди“ до мостот до Основниот суд и проектот за улица „Беличица“ што се финансира од Светска банка, појасни Лимани.
Тринаесетте проекти од првиот повик кои ги доби општина Гостивар имаат вредност од приближно 2,7 милиони евра. Од вториот владин повик се очекува да добие 40 нови проекти. згм/хс/
Фото: МИА архива