• вторник, 24 декември 2024

„Цивил“: Политичките партии да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и да не ги злоупотребуваат за политички рејтинг

„Цивил“: Политичките партии да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот  и да не ги злоупотребуваат за политички рејтинг
Скопје, 13 март 2020 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ ги прекршиле мерките за забрана на јавни собири и настани, кои мерки и препораки Владата ги донесе на 12 март, за справување со КОВИД-19, соопшти вечерва Здружението на граѓани „Цивил“ повикувајќи се на информации на нивните мониторинг тимови. Од ЦИВИЛ бараат од политичките партии да ги почитуваат мерките и препораките на Владата со цел спречување на ширење на коронавирусот во земјата. - На 11 март во Филхармонија, ВМРО-ДПМНЕ одржа партиска конвенција и покрај забраната за одржување на јавни собири со повеќе од 1.000 лица. Салата која беше целосно исполнета има капацитет за 1.000 лица, а на сцената зад претседателот на ВМРО-ДПМНЕ стоеја сите 120 кандидати за пратеници, се вели во соопштението. Од „Цивил“ потсетуват дека на 12 март годинава Владата донесе забрана за сите јавни настани, вклучувајќи ги и оние со под 1.000 лица. ДПА, како што се наведува, одржа партиска конвенција вечерта во 18 часот, во Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. - ДУИ, пак, денеска најави дека со 10.000 свои активисти ќе им помага на оние кои се изолирани во своите домови, објавувајќи телефонска линија на која граѓаните ќе може да побараат помош. Имајќи предвид дека овие лица, ниту се обучени за ваков начин на дејствување, ниту се дел од волонтерскиот тим на Црвениот крст, ваквата помош претставува опасност за ширење на вирусот. Дополнително, најавата на ДУИ за посета и „помош“ на изолираните е директна опасност од поткуп на гласачи. Најавата на ДУИ за излегување на терен со фантастична бројка од 10.000 активисти е проблематична по низа основи, а ни најмалку не е гаранција дека ќе им помогне на луѓето кои се изолирани во своите домови. Притоа, нејасно е како ДУИ утврдиле дека има потреба од 10.000 активисти за непознат број луѓе во самоизолација, стои во соопштението. Според „Цивил“, доколку било која политичка партија сака да помогне во заштитата на населението од ширењето на коронавирусот, најмалку што може да направи е тоа да не го прави на своја рака. Наведуваат дека е потребно е заинтересираните партии да ги понудат своите капацитети на системот и да се координираат со институциите како што се Министерството за здравство, Кризниот штаб, Комисијата за заразни болести и Владата. Постапките на одделни политички партии „Цивил“ ги оценува како крајно несериозни и опасни по здравјето на граѓаните. Бара од политичките партии да престанат да калкулираат со здравјето на граѓаните за политички поени. - Сега е време да покажат одговорност и кон себе и кон своите членови и активисти, но и кон сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија. Ја повикуваме Владата веднаш да реагира на овие појави, а релевантните институции решително да ги санкционираат сите што го кршат законот и ги злоупотребуваат мерките за заштита од коронавирусот. Мерките мора да важат за сите подеднакво, се вели во соопштението од Здружението на граѓани „Цивил“. мд/бк/

Остани поврзан