• сабота, 23 ноември 2024

Џоана: Од фундаментално значење е НАТО да ја задржи својата технолошка предност

Џоана: Од фундаментално значење е НАТО да ја задржи својата технолошка предност

Вилнус, 11 јули 2023 (МИА) - Безбедноста е основата на просперитетот и на демократијата и затоа во услови кога војна со висок интензитет се враќа во Европа, потребно е повеќе да се инвестира во конвенционалните и повеќенаменските сили, порача денеска од Вилнус заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.

Говорејќи на Јавниот форум организиран на маргините на дводневниот Самит на НАТО, што денеска започна во литванскиот главен град Вилнус, Џоана нагласи дека од фундаментално значење е Алијансата да ја задржи својата технолошка предност.

Затоа, според него, НАТО испраќа јасен сигнал до владите на земјите членки и до приватниот сектор дека е потребно да се вложува во иновации и во основни средства за старт-ап претпријатијата.

- Екосистемот на иновации на НАТО оди рака под рака со новиот Фонд за иновации, како прв мултинационален суверен фонд за ризичен капитал, истакна Џоана, додавајќи дека НАТО дејствува како катализатор за „искористување на иновацискиот екосистем низ Алијансата“.

Јавниот форум во Вилнус е во организација на НАТО, Центарот за источноевропски студии, Маршаловиот фонд, Минхенската безбедносна конференција и Атлантскиот совет. сп/са/

Фото; НАТО

Остани поврзан