• вторник, 26 ноември 2024

Џафери се сретна со шведската амбасадорка Ларсон Џеин

Џафери се сретна со шведската амбасадорка Ларсон Џеин
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија Ами Ларсон Џеин. Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери ги оцени билатералните односи меѓу двете земји како одлични и упати благодарност до Шведска за континуираната поддршка за демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку бројни развојни проекти, а особено за поддршката за нашата стратешка цел, полноправно членство во Европската унија. Претседателот на Парламентот Џафери се осврна на фазата на преговорите со Европската Унија и скрининг процесот кој е во тек. Тој ја истакна постигнатата целосна усогласеност на земјава со европската надворешна и безбедносна политика и изрази надеж дека во текот на претседавањето со Европската Унија во првата половина на 2023 година, Шведска повторно ќе ја демонстрира својата цврста посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Во однос на членството на Шведска во НАТО, изрази уверување дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, тоа ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност. Исто така изрази надеж дека по одржаните парламентарни избори, соработката за демократски развој за пренесување на искуства за теми од заеднички интерес меѓу пратениците од двата законодавни дома, која се одвиваше во изминатите две години, ќе продолжи и со новиот состав на шведскиот Риксдаг. Шведската амбасадорка Ларсон Џеин изрази благодарност што Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите што ги ратификуваше протоколите за членството на Шведска во НАТО. Џеин, како што се наведува, нагласи дека драматичните промени во безбедносниот поредок во Европа во февруари оваа година влијаеја на промената на политиката на земјата за членството во Северно - атлантската алијанса. Таа упати честитки за започнувањето на преговорите со ЕУ, нагласи дека Шведска е многу заинтересирана, одблиску го следи евроинтегративниот процес на Северна Македонија и е спремна да помогне и во однос на политичкиот дијалог, но и со конкретна финансиска помош. Џафери, како што се наведува, ја обнови поканата до неговиот колега, спикерот на шведскиот Парламент, да ја посети нашата држава. мд/лв/

Остани поврзан