• вторник, 24 декември 2024

Ќе се изработува стратегија за идентификација на локација контаминирана со жива и ќе се тестира во ОХИС

Ќе се изработува стратегија за идентификација на локација контаминирана со жива и ќе се тестира во ОХИС
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), преку Канцеларијата за Постојани органски загадувачи (ПОПс), пристапува кон изработка на Национален имплементациски план за редукција и елиминација на живата, пред се на една пилот локација во ОХИС, а потоа и на ниво држава, најави ресорниот министер Насер Нуредини. - Минамата конвенцијата за жива ја потпишавме во јули 2014 година, а во 2020 година со Законот за ратификација и ја ратификувавме и со тоа станавме полноправна членка на овој меѓународен договор. Целта на Конвенцијата е да придонесе кон минимизирање на штетните ефекти на живата врз животната средина и здравјето на луѓето, како во национални и регионални, така и во глобални рамки, рече Нуредини во обраќањето на воведниот настан  од проектот „Зајакнување на националните капацитети за имплементација на Минамата конвенцијата за жива со фокус на изработка на стратегија за идентификација на локација контаминирана со жива“. Имајќи го предвид мултисекторскиот аспект на примената и присуството на живата во сите сфери на човековото живеење, како индустријата, здравството, економијата, финансиите,  земјоделството, науката, невладиниот сектор, додаде Нуредини, соработката помеѓу сите релевантни чинители во земјата е клучна и треба да придонесе кон успешно реализирање на предвидените активности на проектот. - Таквата соработка ќе обезбеди квалитетна база на податоци како појдовна основа за дефинирање на конкретни акции што ќе бидат преточени во национален имплементациски план за редукција и елиминација на жива во земјата. Живата е исклучително опасна по здравјето на луѓето и животните и бара разработен стратешки пристап за идентификација  на контаминиран терен, рече Нуредини. Изработката на Стратегијата за идентификација на локација контаминирана со жива и нејзина практична примена на избрана пилот локација во поранешниот гигант ОХИС, е финансиски поддржана од Фондот на специфичната меѓународна програма на Минамата конвенцијата во рамките на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП) . Министерството за животна средина и просторно планирање активно работи на спроведување на повеќе глобални договори поврзани со управувањето со хемикалии во текот на целиот нивен животен циклус. Земјава е потписник на повеќе меѓународни договори со кои се уредува и олеснува безбедното справување со опасните хемикалии, прекуграничното пренесување на опасен отпад и негово складирање, како што се Монтреалскиот протокол, Стокхолмската, Ротердамската и Базелската конвенција и низа други не помалку важни меѓународни иницијативи. вј/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан