Ќе се избира нов директор на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола
- Друштвото на филмските работници на Македонија објави конкурс за избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“-Битола. Новиот директор на фестивалот ќе го наследи досегашниот Симеон Дамески кој во два мандати од по две години го водеше фестивалот на кинематограферите од светот кои секоја есен во Битола се натпреваруваат за наградата златна „Камера 300“.

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) - Друштвото на филмските работници на Македонија објави конкурс за избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“-Битола.
Новиот директор на фестивалот ќе го наследи досегашниот Симеон Дамески кој во два мандати од по две години го водеше фестивалот на кинематограферите од светот кои секоја есен во Битола се натпреваруваат за наградата златна „Камера 300“.
Неодамна во интервју за МИА, Дамески изјави дека клучно за ИФФК „Браќа Манаки“ е да делува ексклузивно и богато на отворањето и секогаш во Битола да доаѓаат филмски ѕвезди, но не глумачки туку кинематографери.
-Успеавме да го кренеме квалитетот на фестивалот во овие четири години, а неодамна фестивалот „Браќа Манаки“ се закити со специјална награда за достигнување која ја доделува Британското здружение на кинематограферите, изјави во интервју за МИА, директорот Дамески кој очекува наскоро да добие наследник.
Според конкурсните услови, кандидат за директор на ИФФК „Браќа Манаки“ може да биде секој редовен член на Друштвото на филмските работници на Македонија или докажан и афирмиран професионалец од областа на уметноста, културата или друга јавна сфера.
Конкурсот е отворен до 6 март, а изборот на директор на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде извршен од пријавените кандидати на следното изборно Собрание на Друштвото на филмските работници.
Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ има мандат од две години со право на повторен избор. мт/са/
Фото: МИА