• сабота, 23 ноември 2024

Јункер: Повторно дозволивме конфликт меѓу северните и јужните членки

Јункер: Повторно дозволивме конфликт меѓу северните и јужните членки
Брисел, 13 април 2020 (МИА) – Поранешниот претседател на ЕК Жан-Клод Јункер укажа на недоволната солидарност меѓу северните и јужните членки на ЕУ во кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот. - Сега без никаква потреба дозволивме повторно да избувне конфликт меѓу Северот и Југот. Ништо не научивме, рече Јункер за Политико. Тој оцени дека начинот на кој холандскиот министер за финансии Вопке Коестра се изрази кон Италија „повторно го разгорува конфликтот меѓу северот и југот“ алудирајќи на неговиот повик ЕУ да провери зошто некои земји немаат финансиски средства подобро да се изборат со економскиот шок. Јункер не сакаше да шпекулира дали големината на економскиот пакет помош во кризата кој го договорија министрите за финансии на ЕУ е адекватна, велејќи дека сака да почека да „слегне прашината“. - Но договор за релативно амбициозен пакет после тешки обиди да се постигне договор може само да се поздрави, вели тој и додава дека уште еден неуспех „би бил удар за европската идеја“. Тој вели и дека очекува многу поголем буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година кој би бил вистински инструмент за економската криза. Јункер додава и дека не е против идејата за корона-обврзници, заеднички инструмент за задолжување кој би го гарантирале сите членки на ЕУ, но оти не е одговор на актуелната криза затоа што би поминале месеци до нивната употреба. Во исто време, Јункер ја критикуваше слабата реакција на Брисел на одлуката на парламентот на Унгарија да и дозволи на Владата на премиерот Виктор Орбан да владее со декрет без временско ограничување. - Не можевме да го решиме судирот меѓу Истокот и Западот затоа што Унгарците дејствуваат вон секоја разумна зона, рече тој и додаде дека ЕУ не и ја пренела експлицитно на Будимпешта загриженоста поради последиците од мерките усвоени за спречување на коронавирусот врз владеењето на правото. - Кога станува збор за стандардите за владеење на правото, важно е да се обратите со отворен и јасен јазик, заклучи Јункер. јт/

Остани поврзан