• сабота, 23 ноември 2024

Јубилеен десетти годишен Собир на пожарникарите во Прилеп

Јубилеен десетти годишен Собир на пожарникарите во Прилеп

Прилеп, 17 ноември 2023 (МИА) - Повеќе обуки, обновување на опремата, закон за заштита од пожари и развивање на доброволното пожарникарство, ова беше нагласено на годишниов десетти јубилеен собир на пожарникарите што денеска се одржува во Прилеп, а утре продолжува во Крушево.  

Последните години се зголемуваат предизвиците за пожарникарите, а зад себе имаат турбулентна година со поплави и огромен број пожари. На Собирот во прилепската Градска библиотека „Борка Талески“ има претставници на пожарникарските здруженија од Србија, Војводина, од Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

-Целта на Собирот е да се соберат искуствата од сите предизвици што ги дава природата и интервенциите на пожарникарите да бидат поефикасни. Во моментов во нашава држава има потреба од следење на технолошките решенија и потреба од опремување на противпожарните територијални единици. Голема е потребата од континуирани обуки. Се чувствува потребата од едукација која недостасува. Инаку, што се однесува до законските решенија, немаме закон за заштита од пожари. Имаме само закон за пожарникарство. Одредени институции имаат свои прописи според кои работат. Но, доаѓа до застој на функционирањето, на понесување на одговорноста и надлежностите, рече Зоран Нешкоски, инженер за заштита од пожари и организатор на Собирот.

Прилепските пожарникари годинава се соочија со најголеми предизвици. Со преку 750 интервенции, незапаметено досега, од кои над 400 на отворено, прилепските пожарникари со огромна територија за заштита со крајни напори се справуваа со непогодите. Потребата кадар и опрема останува константен проблем.

-Оваа сезона беше голем предизвик. Се справувавме како знаеме и умееме. Имаме 34 професионални пожарникари и уште 12 сезонски ангажирани. Тоа не е доволно. Возилата се стари, ни недостасуваат неколку теренски возила, изјави Кристијан Момироски, командир на прилепската противпожарна единица.

- Генерално, проблемите секаде се речиси исти: финансиски, кадровски. Но, многу важни се овие собири за размена на искуства, изјави Игор Сиќ од Војводина

- Ние пожарникарите сме први кои почнавме повторно да соработуваме, имаме заеднички проблеми, размената на искуства се битни за промените на подобро, рече Примож Штраус од Словенија.

На утрешното продолжение на годишниот Собир на пожарникарите во Крушево ќе има демонстрација со противпожарна опрема. ем/мд/

фото: МИА

 

Остани поврзан