• петок, 27 декември 2024

Јоргос Папандреу се кандидира за претседател на Движењето на промена

Јоргос Папандреу се кандидира за претседател на Движењето на промена
Атина, 20 октомври 2021 (МИА) – Решив да се кандидирам за раководство на Движењето. И со сите мои сили ќе придонесам нашата партија повторно да стане голема и силна. Повторно да биде протагонист во случувањата, рече поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, соопштувајќи дека ќе биде еден од кандидатите за лидер на Движењето на промена, поранешно ПАСОК, јави дописничката на МИА од Атина. Во кусата изјава истакна дека е потребна нова промена, како за граѓаните, така и за државата и поради тоа, „демократската прогресивна партија треба одново да стане голема“ и во чекор со другите прогресивни сили во Европа и светот, „кои динамично се враќаат“. Додаде дека за неговата одлука, веќе ги информирал актуелната претседателка Фофи Генимата и надлежната комисија. Кандидатурата на 70-годишниот Папандреу, што е седма по ред за лидерската позиција во партијата, доаѓа откако Генимата соопшти дека од здравствени причини се повлекува од трката. Во изминатите денови, сè погласни беа шпекулациите во медиумите дека поранешниот грчки премиер и поранешен лидер на ПАСОК, ќе влезе во трка за претседателската позиција во партијата. Противкандидати на Папандреу се: актуелниот европратеник Никос Андрулакис, актуелните пратеници и поранешни министри Андреас Ловердос,Харис Кастанидис и Василис Кекероглу, поранешниот министер Павлос Геруланос и портпаролот на Движење на промена Павлос Христидис, кој е и најмладиот кандидат. Изборите за претседател на Движење на промена закажани се за 5 декември, а вториот круг една седмица подоцна. Папандреу, во периодот од февруари 2004 година до март 2012 година беше претседател на ПАСОК и на изборите во октомври 2009 година, со победата на неговата партија стана премиер, а на функција беше до ноември 2011 година. Во неговата политичка кариера имаше и министерски функции, а е актуелен лидер на Движењето на демократски социјалисти и на Социјалистичката интернационала. ср/сд/

Остани поврзан