• среда, 27 ноември 2024

Дискусија за подобрување на процедурите за спогодување организирана од Здружението на јавните обвинители

Дискусија за подобрување на процедурите за спогодување организирана од Здружението на јавните обвинители

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Здружението на јавните обвинители, во соработка и со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје и на Канцеларијата за развој, помош и обука на обвинителствата во странски држави - ОПДАТ при американското Министерство за правда, организираше дискусија за воедначување на праксата и за усогласување на интерните процедури на Јавното обвинителство, при користење на инструментот за спогодување на вина.

Како што се наведува во денешното соопштение на Обвинителството, претседателот на Здружението, Елвин Вели го истакнал значењето на ваквите форуми кои придонесуваат за поефикасна примена на Законот за кривичната постапка и на овластувањата што тој му ги дава на јавниот обвинител.

Кол Радович, правен советник при Амбасадата на САД во Скопје, го презентирал американското искуство во процесот на спогодување, наведувајќи дека во САД најголем дел од предметите на национално ниво, завршуваат со спогодување на вина што ги намалува трошоците и придонесува за значително скратување на постапките. Токму како резултат на спогодувањето, како што се истакнува во соопштението, бројот на предмети кои завршуваат со судска постапка во САД е намален за 60 отсто.

- Иако спогодувањето е брз и ефикасен начин на решавање на предметите, неговата примена во земјава во последниот период е со променлив тренд – во 2020 година на ниво на сите јавни обвинителства во државава биле склучени 179 предлог - спогодби, во 2021 тој број се зголемил на 258, додека во 2022, повторно се бележи пад и на ниво на целата држава минатата година се склучени вкупно 124 предлог - спогодби, пишува во соопштението.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески најавил дека ќе иницира измена на подзаконските акти со што се регулира постапката на спогодување со цел да се зајакне системот на контрола, но и да се демонстрира институционалната принципиелност во процесот на спогодување и да се воедначи казнената политика.

- Во иднина, одлуките за спогодување ќе мора да бидат колку што е можно подетално и попрецизно образложени, а транспарентноста при носењето на такви одлуки ќе биде задолжителна. Јавните обвинители кои учествуваа на форумот организиран од Здружението, изложувајќи ги своите практични искуства и проблемите со кои се соочуваат, дадоа конкретни предлози за подобрување на подзаконските прописи. Институтот на спогодување претставува една од најзначајните новини воведени последниот Закон за кривичната постапка. Согласно тој закон, до поднесување на обвинение, јавниот обвинител и осомничениот можат да преговараат и да се спогодуваат за признавање на вина, а начинот и условите за спогодување се законски одредени. Склучената предлог - спогодба се доставува до надлежниот суд, кој може да ја прифати или да ја одбие, се наведува во соопштението.​ бд/са/

Фото: Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

Остани поврзан