Јужна Африка ги повика своите дипломати во Израел на консултации во врска со актуелната ситуација во регионот
- Јужноафриканската Република ги повика своите дипломати во Израел на консултации во врска со актуелната ситуација во регионот, изјави владиниот претставник Кумбуџо Нчавени.
Јоханесбург, 6 ноември 2023 (МИА) - Јужноафриканската Република ги повика своите дипломати во Израел на консултации во врска со актуелната ситуација во регионот, изјави владиниот претставник Кумбуџо Нчавени.
Тој не прецизираше колку долго јужноафриканските дипломати, кои имаат мандат во Тел Авив, ќе останат во својата земја, но го истакна разочарувањето на Преторија од „континуираното израелско бомбардирање на училишта и клиники во Појасот Газа“.
Министерката за надворешни работи на Јужноафриканската Република, Наледи Пандор, пак, рече дека „ова е нормална практика кога една ситуација е многу вознемирувачка и опасна за другите“.
Дипломатите ќе ја информираат владата за ситуацијата, која потоа ќе процени какви активности ќе преземе.
„Ние сме крајно вознемирени од континуираното убивање деца и невини граѓани на палестинските територии и мислам дека одговорот на Израел се претвори во колективна казна“, рече Пандор.
Таа додаде дека е „важно да се испрати сигнал за загриженост на Јужна Африка“.
„Во исто време треба да продолжиме да повикуваме и на целосен прекин на непријателствата“, истакна Пандор. паг/
Фото: МИА архива