Јавна расправа во Врховен по жалбата на судијката Оља Ристова за изборот на судии во Апелационен суд Скопје
- Во Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска се одржа јавна расправа по поднесената жалба за последниот избор на судии во Апелациониот суд Скопје од судијката Оља Ристова од Основен кривичен суд Скопје.
Скопје, 28 декември 2023 (МИА) – Во Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска се одржа јавна расправа по поднесената жалба за последниот избор на судии во Апелациониот суд Скопје од судијката Оља Ристова од Основен кривичен суд Скопје.
На јавната расправа жалителката Ристова и нејзиниот бранител, адвокат Владимир Туфегџиќ, ги образложија жалбените наводи при што посочија дека при изборот е погрешно и нецелосно утврдена фактичката состојба.
Според адвокатот Туфегџиќ, токму бадентеровото мнозинство е употребено како механизам на елиминација на кандидатката Оља Ристова.
- Сметам дека бадентеровото мнозинство не може на ваков начин, без образложение со своите постапки да нанесува штета на кандидат од мнозинските заедници, рече тој во изјава за медиуми по расправата.
Дополни дека членовите на бадентеровото мнозинство, остануваат должни, како што рече, да кажат „што е тоа што кај нив превагнало да не укажат доверба на овој кандидат, а од друга страна, укажале доверба на кандидатите кои се далеку подолу рангирани и со значителен број помали бодови“.
- Сметам дека Врховниот суд ќе мора да заземе став по однос на составот на бадентеровото мнозинство, бидејќи јас лично сметам дека не е во духот со уставот и уставната определба, која стриктно кажува дека бројот на тие членови е четири, а не како што тоа го толкува Судскиот совет, пет, рече адвокатот.
Судијката Оља Ристова смета дека при одлуката на Судски совет од страна на членовите е искористено нивното дискреционо право и арбитрерност при одлучувњето.
- Тоа значи дека покрај постоечките критериуми, квалитативни и квантитативни, кои што се предвидуваат со самата методологија и кои што на крајот ги дале резултатите за конечната ранг листа за најдобрите кандидати, Судскиот совет при одлучувањето кај членовите преовладал нивниот субјективен карактер, нивното субјективно размислување на поедини кандидати и на тој начин го извршиле изборот, рече таа.
Во ноември годинава, Судскиот совет ги избра Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област во Апелациониот суд Скопје.
Судијката Ристова тогаш ги доби потребните гласови од членовите на Судскиот Совет, но не помина при гласањето по бадентеровиот принцип.
Веднаш потоа, таа излезе со реакција дека изборот се спровел без почитување на ранг листата и со прескокнување на повисоко рангираните кандидати без никакво образложение и најави жалба.
Одлуката по жалбата, како што информираа од Врховен денеска, ќе биде дополнително објавена. ар/аа/
Фото: МИА