• сабота, 23 ноември 2024

Штипското училиште „Гоце Делчев“ доби пристапна рампа 

Штипското училиште „Гоце Делчев“ доби пристапна рампа 

Штип, 2 декември 2023 (МИА) - Пристапна рампа за лицата со телесен инвалидитет има и штипското основно училиште „Гоце Делчев“. Дефектолог-логопед во ООУ „Гоце Делчев“-Штип, Елена Ташкова вели дека по вторпат училиштето се вклучува во проект кој подразбира инклузија на лицата со посебни образовни потреби во редовното образование, преку кој е овозможена и оваа активност. 

-Инклузијата започнува од училишниот двор. Секое училиште е должно да обезбеди еднаков пристап и достапност за секое дете. Благодарение на учеството во проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, каде по вторпат учествуваме ја имаме оваа пристапна рампа. Ни беа донирани средства, поддржана грант апликацијата за изградба на пристапната рампа, но бидејќи тие средства не беа доволни, организиравме „фандрејзинг“ активност вели Ташкова. 

Таа додаде дека од потребата за дополнителни финансиски средства произлегла и песна креирана од ученици-литерати, а исполнета од ученичката Лина Костадинова во соработка со нејзиниот татко, Лазе Костадинов. За обезбедување дополнителни средства се погрижиле и општествено-одговорни компании.

-Фандрејзинг активноста се состоеше во организирање креативна работилница со членовите од Литературната секција од предметна настава, кои твореа на тема „Еднаков пристап“ и од  сите текстови настана текстот на песната „Весела песна до пристапност лесна“ којашто ја исполни нашата ученичка со ангелски глас, Лина Костадинова. Сакам уште еднаш да потенцирам и да истакнам дека ние како училиште уште еднаш потврдивме дека имаме одлична партнерска соработка со родителите, со локалната заедница, нашите соработници, рече Ташкова.

Ваква пристапна рампа последно имаше обезбедено основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип, што овозможува подобрување на условите за учениците со посебни образовни потреби и е во насока на полесен пристап до квалитетна едукација. вдј/аа/

 Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан