• вторник, 24 декември 2024

Шилегов: Мостот „Михајло Апостолски“ е симбол на поврзувањето, другарството и слободата

Шилегов: Мостот „Михајло Апостолски“ е симбол на поврзувањето, другарството и слободата
Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) - Новиот мост „Михајло Апостолски“ на булеварот АСНОМ не поврзува само две страни на еден булевар, не поврзува само две населби, три општини, овој мост нè поврзува нас, граѓаните на Скопје, изјави актуелниот градоначалникот на Град Скопје и кандидат на СДСМ за оваа функција, Петре Шилегов, на последниот ден од изборната кампања. Шилегов, од мостот на булеварот АСНОМ ги повика скопјанки и скопјани, в недела, 17 октомври, да го дадат гласот за „градењето мостови меѓу луѓето, за континуитет на европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе кои искрено си го сакаат својот град“. - Овој мост ја испраќа пораката дека Скопје веќе не е поделен град. Во Скопје веќе не се делиме, на важни и помалку важни, на наши и нивни, на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други. Овој мост е на сите кои макар еднаш ќе поминат преку него. Од исток кон запад, од север кон југ и обратно, нагласи Шилегов. Овој мост, посочи Шилегов, не е само обично сообраќајно решение за поврзување на АСНОМ и „Васко Карангелески“ во Аеродром со „Гоце Делчев“ и „Беласица“ во Центар, со „Никола Карев“ и „Александар Македонски“ во Гази Баба. - Мостот на булевар АСНОМ е симбол на поврзувањето, другарството и слободата. И затоа, неслучајно, донесовме одлука токму овој мост да го носи името на народниот херој, храбриот генерал Михајло Апостолски, кој бил еден од најистакнатите членови на Президиумот на АСНОМ, еден од најзаслужните за раѓањето и градењето на македонската држава, за ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, за пишувањето и негувањето на нашата, скопска и македонска историја. Нека живее вечно споменот на овој голем човек во срцата на скопјани, нека го поврзува градот убав цврсто и силно како неговата борба за слободата и раѓањето на нашата Македонија, рече Шилегов. Со изградбата на овој мост, нагласи Шилегов, жителите на Аеродром веќе нема да чекаат по 40 минути кај Железничка кога одат или се враќаат од работа и дека веќе нема од Ново Лисиче до Мавровка да се да се кружи од кај МАНУ или Бит-пазар. аа/сп/

Остани поврзан