• среда, 20 ноември 2024

Шефот на ОН повика на обединет и глобален одговор на опасностите од вештачката интелигенција

Шефот на ОН повика на обединет и глобален одговор на опасностите од вештачката интелигенција

Блечли Парк, 2 ноември 2023 (МИА) – Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска повика на „унифициран, траен и глобален“ одговор на ризиците поврзани со брзиот развој на вештачката интелигенција.

Првиот Самит за безбедност на вештачката интелигенција заврши денеска, а симболично се одржа на селскиот имот „Блечли парк“, северно од Лондон, каде што за време на Втората светска војна беше седиштето на сојузничките операции за дешифрирање на германските комуникации.

Фокусот на дводневниот собир беше најсовремената, „гранична“ вештачка интелигенција, за која некои научници предупредуваат дека може да го загрози опстанокот на човештвото.

Гутереш оцени дека принципите на управување со вештачката интелигенција „треба да се засноваат на Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човекови права“.

Стотици експерти, шефови на компании и политички лидери два дена разговараа за опасностите од ненадејниот, експоненцијален развој на вештачката интелигенција. Меѓу нив беа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потпретседателката на САД, Камала Харис и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

На почетокот на состанокот, светските сили Кина, САД и ЕУ вчера се договорија за постоење на „поделена одговорност“ за ризикот од користење вештачка интелигенција, а британскиот премиер Риши Сунак го оцени соопштението од Блечли како „историско“.

Затворајќи го самитот денеска, тој најави договор меѓу земјите и компаниите „за заедничка работа на безбедноста на новите модели на вештачка интелигенција и нивното лансирање“.

Тие модели на вештачка интелигенција би можеле да бидат тестирани и оценети во истражувачките институти што Велика Британија и САД наведоа дека сакаат да ги постават.

Британскиот премиер оцени дека „успесите“ на овој самит ќе ја „изместат вагата“ во корист на човештвото бидејќи покажуваат дека постои и политичка волја и способност да се контролира оваа технологија и да се обезбедат долгорочни придобивки од неа.

Цитирајќи ги зборовите на физичарот Стивен Хокинг кој оцени дека вештачката интелигенција може да биде „најдоброто или најлошото нешто што му се случило на човештвото“, Риши Сунак рече дека е убеден дека „може да биде добро“ ако продолжи соработката што започна.

Учесниците се согласија да му доверат на канадскиот истражувач Џошуа Бенџо, влијателна личност во секторот и добитник на наградата Туринг за 2019 година, да го подготви првиот извештај за „состојбата на науката“.

Тој треба да направи научна проценка на постоечките истражувања и ризиците и можностите на вештачката интелигенција, а потоа да утврди приоритети за да се расветли идната работа за безбедноста на оваа врвна технологија.

Кина, чие присуство предизвика вознемиреност поради геополитичките тензии и стравувањата од технолошка шпионажа, не беше поканета на вториот ден од разговорите, кои се одржаа во потесен формат.

Пред „мала група високи претставници на истомисленици“ како што се Франција, Канада и Јапонија, американската потпретседателка Камала Харис ги истакна напорите на САД за „воспоставување норми и средства“ за разликување на автентичната дигитална содржина произведена од држава, од содржина произведена или манипулирана од вештачка интелигенција, соопшти Белата куќа.

Неколку месеци пред изборите како што се претседателските избори во САД и британските, производите за вештачка интелигенција предизвикуваат стравувања за ширење на лажни содржини на интернет и сè поверодостојни усовршени монтажи (дипфејк).

Оние технологии кои можат да произведат текст, звук, слики, видео за неколку секунди на едноставно барање, како што е роботот за разговор на ChatGPT, постигнаа експоненцијален напредок во последните години, а следните генерации на вештачка интелигенција ќе се појават до лето.

Развојот покренува огромни надежи за медицината или образованието, но исто така може да овозможи општествата да се дестабилизираат или да овозможи нелегалното производство на оружје да излезе од контрола, предупреди британската влада.

Самитот денеска се совпадна со објавувањето на новата „песна на Битлси“ која е производ на вештачката интелигенција, со синтетизираниот глас на убиениот Џон Ленон (1940-1980).

Два претстојни меѓународни самити ќе ги продолжат дискусиите за безбедноста на вештачката интелигенција: прво виртуелен состанок во Јужна Кореја за шест месеци, а потоа со лично присуство во Париз за една година.

Меѓу големите шефови во Блечли Парк беше Илон Маск, шеф на компанијата X и ко-основач на OpenAI, кој оцени дека вештачката интелигенција претставува „една од најголемите закани“ за човештвото.

Тој вечерва во Лондон треба да разговара за ова со британскиот премиер Риши Сунак, а подоцна ќе го објави разговорот на неговата платформа Х.

Организирањето на тој разговор предизвика критики откако Маск беше обвинет дека поддржува дезинформации на платформата X откако ја купи и ја презеде пред една година. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан