• среда, 25 декември 2024

Швајцарија на 15 и 16 јуни организира мировна конференција за Украина

Швајцарија на 15 и 16 јуни организира мировна конференција за Украина

Берн, 10 април 2024 (МИА) – Швајцарската Влада денеска соопшти дека 15-ти и 16-ти јуни ќе биде домаќин на дводневна мировна конференција на високо ниво чија цел е постигнување мир во Украина, врз основа на планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.

Конференцијата ќе се одржи во одморалиштето Бургенсток во кантонот Нидвалден, во близина на градот Луцерн, а како што се вели во соопштението, целта ќе биде да се создаде рамка за траен мир во Украина, како и „конкретен план за учество на Русија во мировниот процес“.

Швајцарската Влада исто така соопшти дека Европската унија и претставниците на земјите од таканаречениот Глобален Југ, вклучувајќи ги Бразил, Кина, Етиопија, Индија, Саудиска Арабија и Јужна Африка, биле вклучени во раните дискусии за организирање на конференцијата.

 „Во моментов има доволна меѓународна поддршка за конференција на високо ниво за да се иницира мировниот процес“, се вели во соопштението.

Швајцарските медиуми, повикувајќи се на извори, објавија дека на конференцијата би можел да присуствува и американскиот претседател Џо Бајден, кој во тој момент ќе биде на самитот на Г7 во Италија. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан