• сабота, 23 ноември 2024

Шаќири - Силвестри: Ги зајакнуваме пријателските македонско - италијански релации

Шаќири - Силвестри: Ги зајакнуваме пријателските македонско - италијански релации

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Северна Македонија и Италија се две блиски и пријателски земји, со добра комуникација, за што придонесуваат и значителниот број иселеници кои живеат и работат во оваа европска држава. Сепак, италијанскиот јазик како втор странски јазик се изучува во многу мал број наши училишта, а една од причините е недостигот од наставници по италијански јазик, било посочено на денешната средба меѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.

-Искрено ми е драго што договоривме во мај, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, да се одржи Национална конференција за италијанскиот јазик во Република Северна Македонија. Ќе присуствуваат главните институции кои се активни на полето на италијански студии, а ќе се разговара и за трендовите и перспективите за активно вклучување и изучување на италијанскиот јазик во Северна Македонија, како во образовниот систем, така и како јазик за професионални, културни и академски можности, нагласил министерот Шаќири.

Како што соопшти МОН, италијанскиот амбасадор Силвестри се заложил по одржувањето на Конференцијата во Италија да организира Форум за презентација на можностите за инвестирање во Северна Македонија, како чекор за дополнително зајакнување на билатералната и економска соработка.

Министерот Шаќири го информирал амбасадорот Силвестри и за главните предизвици со кои се соочува образовниот систем, но и активностите кои се спроведуваат за нивно надминување и одржување континуитет во процесот на модернизација. дма/ац/

Фото:МОН

 

Остани поврзан