• петок, 15 ноември 2024

Шарл Мишел добива нов портпарол

Шарл Мишел добива нов портпарол

Брисел, 15 јули 2023 (МИА) - Актуелниот портпарол на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Баренд Лејтс следниот месец ја напушта должноста и на негово место се очекува да биде назначена шефицата на Кабинетот на молдавската претседателка Маја Санду, Екатерина Касинџе.

Советот на ЕУ информира дека Лејтс заминува од сегашната должност за да стане директор за комуникации на белгискиот премиер Александар Де Кро.

Од друга страна, Касинџе, која според информациите на „Политико“ ќе го наследи Лејтс и претходно има искуство со работа во европските институции. Таа работела во тимот на романскиот европратеник Зигфрид Мурешан, како и во канцеларијата на Европската народна партија (ЕПП).

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, најавите за смени на портпаролските функции доаѓаат една година пред изборите за Европскиот парламент и за белгискиот Федерален парламент, во јуни 2023-та, како и во пресрет на шестмесечното ротирачко претседавање на Белгија со ЕУ од јануари следната година.

Во пресрет на изборите во Белгија, крајно неизвесно е дали Де Кро ќе успее да ја одржи неговата седумпартиска владина коалиција и да ја задржи премиерската функција, иако тој најави дека е заинтересиран да остане белгиски премиер. Сепак, според дипломатски извори, на кои се повикува „Политико“, не е исклучено по европските избори либералот Де Кро да го преземе раководењето со некоја од институциите на ЕУ. сп/

Фото: Белга

Остани поврзан