• понеделник, 23 декември 2024

Четири нови имиња во новата сезона за РК Алкалоид

Четири нови имиња во новата сезона за РК Алкалоид

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Ракометниот клуб Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона, а на стартот промовираше и четири нови засилувања.

Марко Кизиќ (23 г. голман), долгогодишен репрезентативец на Македонија во сите категории кој ни доаѓа од редовите на РК Е. Пелистер, а зад себе има настапи и во РК Вардар 1961.

Никола Костески (31 г., десно крило), искусен ракометар и репрезентативец на Македонија кој последната сезона ја мина во чешки Плзен каде редовно беше меѓу најдобрите стрелци. Низ својата кариера, Костески играше за Холабрун и Линц (Австрија), Татран Прешов (Словачка), Ешкишехир (Турција), како и македонските Металург и Борец.

Михаил Иваноски (21 г., десен бек), млад македонски ракометар кој во редовите на РК Алкалоид доаѓа од нашата база РК Мулти Есенс, во чии редови имаше забележителни настапи и оствари играчки напредок во кариерата.

Франциско Оливеира Да Силва (25 г., лев/среден бек), португалски интернационалец кој ни доаѓа од редовите на унгарски Егер, а претходно настапуваше за Гвадалахара во шпанската АСОБАЛ-лига, како и за Виторија и Брага во Португалија.

Алкалоид денеска со првиот тренинг означи старт на подготовките за новата сезона во која клубот покрај на домашната сцена ќе игра и во европскиот ЕХФ Куп. 

Според планот, клубот ќе биде во Скопје до 3 август, а потоа заминува на десетдневни подготовки во Маврово.

Првиот контролен натпревар е закажан на 17 август против Врање (Србија), а од 20 до 24 август, РК Алкалоид ќе биде дел од турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид каде ни следат мечеви со Динамо Панчево (Србија, 20.08.), Олимпијакос (Грција, 22.08.) и Ловќен (Црна Гора, 23.08.). Последниот ден на турнирот ќе се играат натпреварите за пласман. дс

Фото: Фејсбук/РК Алкалоид

Остани поврзан