• сабота, 23 ноември 2024

Ципрас: Прислушувањата за Мицотакис се метод на владеење и метод за обезбедување моќ

Ципрас: Прислушувањата за Мицотакис се метод на владеење и метод за обезбедување моќ
Атина, 18 ноември 2022 (МИА) – За господинот Мицотакис, прислушувањата не се „несреќен случај“, тие се метод на владеење, метод за обезбедување моќ преку собирање клучни информации од сите, најпрво од луѓето околу него за да ги ​обезбеди нивниот молк и толеранција, што секако станува и соучесништво. Пред сè, нивната толеранција кон режимските практики, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на неговото обраќање пред пратеничката група на партијата, говорејќи за случајот со прислушувањата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Лидерот на опозициската партија посочи дека ако „парламентарната демократија функционираше под нормални услови“, денеска немаше да се одржува состанок на пратеничката група на СИРИЗА, туку ќе имаше „суштински парламентарен процес“, доколку грчкиот премиер прифател да одговори на неговите пратенички прашања. Додаде дека веќе трета седмица „Мицотакис се крие“, потенцирајќи дека „се кријат само оние кои се виновни“ и посочи дека постојат докази, а единствениот кој има можност да ги открие е премиерот и „бидејќи точно знае дека постојат докази, затоа се крие“. -И денеска повторно се скри. Ако беше тука, ќе го повикав да одговори на едно едноставно прашање: штом ни велиш дека Националната служба за разузнавање (ЕИП) нема никаква врска со нелегалниот софтвер Предатор, кажи ни дали ЕИП, што е под твој надзор, ги следеше и твоите министри, како што беше случајот со Андрулакис и Кукакис и твоите министри, рече Ципрас споменувајќи ги како пример лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис и новинарот Танасис Кукакис, кои освен со Предатор, биле следени и од Националната служба за разузнавање. Ципрас истакна дека земјата е во вонредни улови, општеството е во вонредна состојба, „тоне и се распаѓа од поскапувањата, од профитерство, од застрашувачкото влошување на нееднаквостите“. -Владата која прислушува повеќе нема да мора да наслушува што зборуваат сите. Бидејќи целото општество веќе гласно извикува и тоа лесно сите го слушаат. Гласот на сите, како што поминува времето се претвора во едно масовно „Одете си“, истакна Ципрас. Додаде дека многу брзо Мицотакис и неговите соработници „ќе разберат дека никој не може да си игра“ ниту со општеството, ниту со самата демократија. ср/ Фото: СИРИЗА

Остани поврзан