• среда, 27 ноември 2024

Ципрас и Заев уште еднаш ја истакнаа потребата да се почитува Договорот од Преспа и ја повикаа ЕУ да ги одржи ветувањата

Ципрас и Заев уште еднаш ја истакнаа потребата да се почитува Договорот од Преспа и ја повикаа ЕУ да ги одржи ветувањата

Атина, 18 јуни 2024 (МИА) –  Двете страни да покажат лидерство во однос на Договорот од Преспа, повика поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев, додека пак поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас порача дека Договорот е единствениот пат и за европската перспектива, но и за самата иднина на земјата, за време на нивното учество на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој, јави дописничката на МИА од Атина.

Поранешните премиери говореа за иднината на Европа на завршниот панел на конференцијата, кој го следеше и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, а на присутните им се обрати и поранешниот премиер на Шведска Стефан Лорвен, како и поранешниот францускиот претседател Франсоа Оланд, кој се вклучи онлајн. 

Заев говореше за општата ситуација во Европа и светот, осврнувајќи се на војните во Украина и Газа и нагласи дека „со она што се случува на стариот континет, треба да сфатиме дека мирот не е нешто што ни е дадено засекогаш“.

Паралелно се осврна и на Западен Балкан, а секако и на Договорот од Преспа за кој рече дека е многу важно целосно да се почитува и имплементира во духот, суштината и протоколите предвидени со договорот.

Испрати порака до сите оние што се против договорот и од двете страни, истакнувајќи дека Македонците и Грците се дел од европскиот систем со сите европски вредности.

-Повикувам на лидерство во двете земји, актуелното во Грција и новото во Северна Македонија да покажат одговорност до нивните граѓани и нивните земји. Ги повикувам да го почитуваат она што го кажуваат, ако кажуваат дека Договорот од Преспа е реалност и ако велат дека ќе го почитуваат, тогаш навистина би требало вистински и веднаш да го сторат тоа во пракса, порача Заев.

Додаде дека тој заедно со Ципрас ја презеле големата одговорност за склучување на Договорот и како што посочи, ја платиле поличката цена за тоа.

-Сега, почитувањето на договорот е навистина најлесниот дел од одговорноста пред граѓаните и иднината на нашите земји, додаде поранешниот премиер, повикувајќи да се задржат мостовите меѓу двете земји.

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас за Договорот од Преспа посочи дека „е модел за решавање на споровите бидејќи докажува дека постои пат за заемно прифатливи решенија засновани на меѓународното право, со цел мирно решавање на хроничните проблеми и конфликти“, но потребно е да постојат раководства спремни да ја сносат политичката цена во корист на мирот и стабилноста и за доброто на својот народ. 

-На сите нивоа беше потврдена важноста на Договорот од Преспа за мирот, стабилноста и заедничкиот развој во нашиот регион. Беше истакнато дека единствениот пат не само за европската иднина, туку и за иднината на Северна Македонија е почитување на Договорот. И ова е апсолутно јасна порака до новото државно-политичко раководство на нашата соседна земја – за тоа што значи прекршување на Договорот. Ова, сепак, не е доволно. ЕУ мора да ја препознае важноста на случувањата во Западен Балкан и да води активни политики за европската перспектива на регионот и да го врати моментумот што го создадовме со Договорот од Преспа, истакна Ципрас 

Посочи дека не смееме да се вратиме во периодот пред Преспа кога пристапниот процес беше замрзнат, а улогата на ЕУ стануваше сè послаба. 

Паралелно истакна дека Унијата „мора конечно да сфати дека ако се покаже како некредибилна во однос на своето ветување во Западен Балкан, тогаш нема да има кредибилитет како меѓународна геополитичка сила вон ЕУ.

-ЕУ мора јасно да им стави до знаење на сите земји во регионот дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот, дека жртвите се наградуваат, а не се игнорираат  цинично, како што беше случајот со Северна Македонија, порача Ципрас. 

На ЕУ перспективата на регионот се осврна и поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, од аспект на порастот на радикалната десница во Европа, истакнувајќи дека нема да биде многу позитивна за проширувањето.

Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, во организација на „Фондацијата Заев“ и „Институтот Алексис Ципрас“ започна вчера. 

Во текот на вчерашниот ден специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за името Метју Нимиц, беше награден со „Преспа наградата за мир“, што му ја врачија Ципрас и Заев за неговиот придонес во решението меѓу двете земји, а генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш испрати видеопорака. 

На конференцијата, освен Нимиц и организаторите Заев и Ципрас, учествуваа и поранешните шефови на двете диломатии Никола Димитров и Никос Коѕијас, кои воедно се и потписници на Договорот од Преспа. 

Амбиција на организаторите е Меѓународната конференција да стане традиционална и да се одржува секоја година во јуни. ср/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан