• петок, 22 ноември 2024

Ципрас: Горд сум на Договорот од Преспа, без него Турција ќе беше и на грчката северна граница

Ципрас: Горд сум на Договорот од Преспа, без него Турција ќе беше и на грчката северна граница
Атина, 6 април 2021 (МИА) - Горд сум што Грција ја надгради својата геополитичка динамика во петте тешки години додека бевме на власт и што зад себе остави еден многу важен договор, Договорот од Преспа, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервју за грчката телевизија „Контра“, објаснувајќи дека благодарение на договорот, Турција не е и на северната грчка граница. Како што јави дописничката на МИА од Атина, говорејќи за надворешната политика на земјата, поранешниот грчки премиер се осврна и на Договорот од Преспа, рече дека „некои  кои глумеа, иако знаеја дека е позитивен договор, се бореа против него до последен момент поради политички цели“. - Зошто сум горд? Бидејќи знам дека земјата ја нема Турција и на северната граница. Неколку месеци подоцна се покажа дека Турција не е само на исток, туку и на југ, во Либија. Ќе беше и на нашата северна граница, ќе беше и во земјата која денес е пријателска кон Грција, а грчките вооружени сили го надгледуваат нејзиниот воздушен простор, односно Турција ќе беше и во Северна Македонија, истакна Ципрас. Во синоќешното интервју тој ги спомена и трите меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, а речиси седум месеци чекаат да бидат ратификувани во Парламентот, повторувајќи ја неговата позиција дека секој позитивен глас од 158-те пратениците на Нова демократија, ќе биде и едно извинување за нивниот став додека беа во опозиција. - Уште ги чекам оние 158 извинувања од страна на пратеничката група на Нова демократија. Ме информираат дека доаѓа овој момент, со гласање со прозивка и секој да крене рака, сите оние кои пред две години жестоко ја нападнаа и ја клеветеа Владата на СИРИЗА, сега да гласаат за договор што произлегува од Договорот од Преспа. Договор кој Владата на Нова демократија го почитува и се придржува кон него и тоа е правилно, и води битки за соседната земја, а друго кажуваше додека беше во опозиција, порача Ципрас. На средината на септември минатата година трите меморандуми беа доставени во грчкиот Парламент, потребно е да поминат на надлежната Комисија за надворешни прашања, а потоа да бидат ратификувани на седница, додека СИРИЗА пред неколку месеци, најави дека ќе побара јавно гласање со прозивка на пратениците. Дел од медиумите во Грција во изминатиот период објавија дека меморандумите би можело да бидат ставени на дневен ред на крајот од април, а портпаролот на грчкото МНР, Александрос Папајоану на брифингот со новинарите во четвртокот, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека делот што се однесува на Министерството за надворешни работи е завршен, односно меморандумите се доставени, а сега веќе надлежноста ја има грчкиот Парламент. ср/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан