Хуманитарна помош од долнореканските села за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија
- Шлепер со хуманитарна помош собрана во дарителна акција во долнореканските села тргна кон Турција за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.

Дебар, 12 февруари 2023 (МИА) - Шлепер со хуманитарна помош собрана во дарителна акција во долнореканските села тргна кон Турција за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.
-Помошта се состои во ќебиња, облека, конзервирана храна, хигиенски средства. Жителите од долнореканските села Долно и Горно Косоврасти, Жировница, Скудриње и други села, масовно се одзваа на апелот на селските џамии и даруваа кој колку може како прва помош за настраданите, изјавија за МИА дел од организаторите.

Посочуваат дека се собрани и финансиски средства, најавувајќи оти акцијата продолжува.
Претходно, Советите на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа одлучија да одвојат по 500 илјади денари и прогласија седумдневна жалост, а знамињата се спуштени на половина копје.
Исто така, 11-те членови на Советот на Општина Центар Жупа одлучија да донираат по едномесечен паричен надомест што го добиваат како советници. Во двете основни училишта и гимназијата во оваа општина, учениците и нивните професори собраа 480 илјади денари, акција која продолжува.
Двете општини имаат бројна дијаспора во Република Турција а збратимени се и со повеќе турски општини. вт/фф/