• понеделник, 16 декември 2024

Христодулидис и Татар на прием организиран од ОН на Кипар

Христодулидис и Татар на прием организиран од ОН на Кипар

Никозија, 11 декември 2024 (МИА) – Претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар заедно присуствуваа на прием организиран од мисијата на мировните сили на ОН на Кипар во хотел во тампон зоната, што воедно беше прва нивна средба по неофицијалната вечера во Њујорк пред два месеци, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на мисијата на мировните сили на ОН, Колин Стјуарт, според кипарските медиуми, обраќајќи им се на присутните изразил задоволство што ги гледа двајцата лидери, за отворање нови премини за кои стана збор на средбата во Њујорк, посочил дека потребно е само политичка волја и отворањето ќе биде во корист на луѓето и од двете страни на островот и ќе има позитивно влијание на патот на решението.

За време на приемот, како што пишува кипарското издание на „Катимерини“ двајцата лидери разговарале околу 15 минути, при што Христодулидис побарал од Татари да се сретнат.

Христодулидис во изјавата за новинарите по приемот изрази надеж ќе биде позитивен одговорот на лидерот на кипарските Турци за евентуална средба за прашањето за отворање нови премини.

Татар од своја страна рече дека е подготвен за конструктивни разговори со Христодулидис, истакнувајќи дека сака „подобра иднина и за кипарските Турци и за кипарските Грци“, истакна дека очекува од него да покаже поразбирлив однос кон кипарските Турци, но и додаде дека наскоро ќе се одржат преговори за нови премини. ср/

Остани поврзан