• среда, 25 декември 2024

Хрватскиот писател Свен Поповиќ на книжевна резиденција во Скопје

Хрватскиот писател Свен Поповиќ на книжевна резиденција во Скопје
Скопје, 25 април 2021 (МИА) - Писателот од Хрватска Свен Поповиќ е на книжевна резиденција во Скопје, која се реализира во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Од издавачката куќа „Готен“ информираат дека во рамки на престојот, Свен Поповиќ се запознава со книжевната сцена во нашата земја и остварува средби со уредници во издавачки куќи. - Поради епидемиолошките мерки нема да биде организирана книжевна средба со авторот со присуство на публика, но издавачката куќа Готен ќе подготви видео-разговор со авторот, кој ќе биде достапен на нејзиниот канал на Ју-тјуб, потенцираат од издавачката куќа. Свен Поповиќ е еден од најинтересните гласови од најмладата генерација хрватски писатели. Роден е 1989 година во Загреб. Дипломирал компаративна книжевност и англиски јазик и книжевност и американистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува проза, книжевни и музички критики. Во 2015 година ја објавува својата прва книга, збирката раскази „Небо во кал“, а во 2018 година го објавува романот „Убедливо втор“. Прозата на Свен Поповиќ е интензивна комбинација од лирски елементи и интерес за сировата стварност. Според хрватскиот критичар Божидар Алајбеговиќ, Свен Поповиќ е создавач на проза со рокерска страст и џезерска флуидност и мекост, со примеси на Хемингвеј, Бароуз, Штулиќ, Вејтс меѓу редовите, а со Рамонс, Пејвмент, Строукс, Модести Моус и Иги Поп во ушите. Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.фф/вј/

Остани поврзан