• сабота, 16 ноември 2024

Ходаи: Имаме демографска „бомба“ поради големата миграција на млади во европските земји

Ходаи: Имаме демографска „бомба“ поради големата миграција на млади во европските земји

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Во последниот период, барем од податоците од пописот 2021, дознавме дека имаме намалување на учеството на младите во вкупното население. На пример, во 2002 година, 24 проценти од населението биле млади, додека во 2021 според пописот, само 18 проценти од населението се млади. Ова во изјава за медиуми денеска го истакна Бленди Ходаи, извршен директор на Форумот за образовни промени, пред почетокот на јавната дебата на тема „Иселување на млади со високо образование: Дали РСМ подготвува работна сила за земјите од ЕУ?“.

- Тука се зборува за демографска „бомба“ затоа што имаме намалување на бројот на млади, постои голема миграција на младите во европските земји, кои имаат атрактивност кон работните места, поточно кон земјите во ЕУ. Денеска заедно со министерот за образование и наука ќе треба да дискутираме за оваа тема, каде треба да се коригираат проблемите за ние како млади да останеме во нашата земја, информираше тој.

Ходаи рече дека Форумот за образовни промени веќе година и половина се залага за промени во образовниот систем затоа што смета дека „имаме образование со истечен рок на сите нивоа“, посебно во високото, но и во средното образование.

- Ние ќе предложиме радикални промени, образованието да стане приоритет на државата за наредните 20 години и која било партија да дојде на власт, да не ги менува политиките што ќе бидат усогласени од сите засегнати страни, нагласи тој.

Ходаи соопшти дека дваесет луѓе кои имаат докторат не се вработени исто како и околу 300 кои имаат завршено магистерски студии.

- Ќе се потрудиме како млади, како невладини организации, да креираме и воспоставиме систем на меритократија, каде што секој кој е квалификуван за нешто, да се вработи, а да не става акцент на тоа на која политичка партија припаѓа. Не сметаме дека единствениот проблем е економскиот проблем, односно малите плати, туку тука е и културниот фактор. Пред неколку дена имаше истражување дека Северна Македонија е најнесреќната земја во регионот и ова кажува дека освен што немаме атрактивни плати, исто така немаме и културен и забавен живот за младите да останат тука, рече Ходаи.

Викторија Постоловска, студентски адвокат при „Свети Кирил и Методиј“, рече дека проблемот лежи во неактуализирањето на младинските политики.

- Кои, за жал, во нашата земја се помалку застапени и не се главниот катализатор на младите луѓе и на нивното останување тука, како и дискриминација и корупција со која се соочуваме како општество, но и недовербата на младите луѓе. Јас се водам од личното убедување дека среќни можеме да бидеме секаде се додека имаме чувство на придонес. Доколку придонесуваме и веќе пркосиме на постоечките системи кои се длабоко вкоренети во нашата земја, тогаш веќе можеме да се надеваме на подобро утре, на поголем одѕив како медиумски така и институционален и баш поради тоа и се кандидирав за мојата функција и учествувам на овие панел дискусии, кои на некој начин акумулираат млади и со тоа ја промовираат младата критичка мисла и се залагаат за длабоко вкоренети проблеми, кои за жал, ни прават опструкција на нас младите тука да си ја најдеме среќата, нагласи Постоловска.

Таа додаде дека овие дебати често се случуваат но сега, откако се воведе законот за високо образование, студентските собранија и средношколските сојузи, се оформија и реално можат да функционираат.

- И да пркосат на веќе поставените системи, ваквите дебати сега се зачестија, не мислам дека се празни зборови. За институциите да не уважат, ние треба прво да се изјасниме дали сме против или за нешто, и потоа тие да „засукаат ракави“ и да ги спроведат нашите совети и поплаки. Можам да воочам придвижување и тенденции кон разрешување на проблемите, затоа што самото факултетско и универзитетско студентско образование е доказ дека она што нас ни смета и она што ние го бараме, веќе почнува да ни се укажува, подвлече Постоловска. бд/сп/

ФОТО: МИА

Остани поврзан