• сабота, 23 ноември 2024

Хемиски неисправна водата за пиење во виничките села Трсино, Трстија и Крушево

Хемиски неисправна водата за пиење во виничките села Трсино, Трстија и Крушево
Кочани, 2 ноември 2022 (МИА) – Хемиски неисправна е водата од јавните чешми во селата Трсино, Трстија и Крушево во општина Виница, поради што издадена е забрана за нејзино користење за пиење и за други потреби во домаќинствата. Испитувањето на примероци од водата во трите села, што по барање од Општина Виница на крајот на октомври ги направил Центарот за јавно здравје од Кочани, покажало дека тие ги задоволуваат бактериолошките параметри, но има значителни негативни отстапувања при физичко-хемиската анализа. - Контролирана е бактериолошката и хемиската исправност кај седум селски водоводи и јавни чешми од кои населението се снабдува со вода за пиење. Од добиените резултати утврдено е дека кај чешмите во дворовите на две приватни лица од селата Трстија и Крушево, како и кај чешмата во училишниот двор во Трсино, физичко-хемиските показатели не одговараат на стручните и законски пропишаните вредности. Кај сите три е регистрирана зголемена потрошувачка на калиум перманганат, поради што неопходни се мерки за таложење, флокулација, коагулација и филтрирање, се истакнува во известувањето од Центарот за јавно здравје. Како привремена превентивна мерка се препорачува надлежните служби во општина Виница да обезбедат соодветна преработка, како и дезинфекција на водата пред нејзино користење. Испитувањата на примероците од локалните водоводи во селата Пеклани, Драгобраште, Калиманци и Виничка Кршла покажале дека водата е исправна за пиење и од бактериолошки и од физичко-хемиски аспект. та/мд/

Остани поврзан