ХД „Дрита“ со помош за месец Рамазан за оние кои се во неповолна социо-економска состојба
- Дебарското хуманитарно друштво „Дрита“ ја продолжува практиката по повод Светиот месец Рамазан да доделува помош за семејства и поединци кои се во тешка економско-социјална состојба во општините Дебар и Центар Жупа.

Дебар, 5 март 2025 (МИА) – Дебарското хуманитарно друштво „Дрита“ ја продолжува практиката по повод Светиот месец Рамазан да доделува помош за семејства и поединци кои се во тешка економско-социјална состојба во општините Дебар и Центар Жупа.
-Како и секоја година и сега реализираме активности и заедно сме со семејствата на кои им потребна помош за да може да ја почувствуваат топлината и радоста, која треба да биде присутна во сечиј дом за време на Светиот месец Рамазан. Распределивме две илјади купони за набавка на леб, потоа за готов оброк, а наши активисти распределуваат и пакети со прехранбени артикли и средства за одржување на хигиена, рече за МИА Нертил Османи, претседател на друштвото.
Според него опфатени се семејства, лица со попреченост, деца без родители, болни, изнемоштени и лица кои живеат сами, а освен храна и хигиенски пакети се обезбедуваат и неопходните лекарства за оние кои се во најтешка положба, во текот на целата година.
-Сето ова не би можеле да го реализираме доколку немаме поддршка со донации на локални жители, како и нашите иселеници. Тие безрезервно ни помагаат, а ние пак на оние на кои им е потребно, за што искажуваме голема благодарност, нагласува Османи.
Најави дека пред празникот Рамазан Бајрам на децата без родители ќе им бидат доделени ваучери за набавка на облека и обувки, а насмевките на детските лица, додава, е нивната најголема сатисфакција. вт/мд/
Фото: ХД„Дрита“