• понеделник, 16 декември 2024

Хасани: Треба да се надмине социо-економскиот јаз меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ

Хасани: Треба да се надмине социо-економскиот јаз меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ

Тирана, 23 септември 2024 (МИА) - Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, на денешната средба со министрите за надворешни работи на групата пријатели на Западен Балкан, ја истакнал посветеноста на Албанија за реформи, усогласување со европското законодавството, зајакнување на институциите, регионалната соработка и подготовката на компании за заедничкиот пазар на Европската унија.

Додал дека треба постепено да се надмине социо-економскиот јаз меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

- Во услови на геополитички предизвици, заедничкиот пат кон одржлив развој, надминување на јазот на конвергенција и создавање можности е од суштинско значење и за Западен Балкан и за ЕУ. Пристапот заснован на заслуги, со опипливи придобивки во секоја фаза, е од суштинско значење за да се обезбеди непречен процес на интеграција, промовирање на стабилност, економски раст и посилни регионални врски, нагласил министерот Хасани, објавија албанските медиуми.

Според нив, на работниот појадок, што се одржал во рамките на Генералното собрание на ОН присуствувале министрите за надворешни работи на Италија, Австрија, Хрватска, Грција, Чешка, Словачка и Словенија.

Во фокусот на дискусиите биле начините за унапредување на интеграциските реформи и рестартирање на интегративниот процес во текот на новиот институционален циклус. вт/

Фото: Хасани ФБ

 

 

Остани поврзан