• понеделник, 16 декември 2024

Харадинај: Секој што ќе ги загрози американските војници е непријател на Косово, ќе оди во затвор или ќе побегне од земјата

Харадинај: Секој што ќе ги загрози американските војници е непријател на Косово, ќе оди во затвор или ќе побегне од земјата

Приштина, 13 август 2024 (МИА) – Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај порача дека секој што ги загрозува американските војници во Косово е против Косово и ќе биде третиран како негов непријател, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека, и покрај тоа што поединците кои може да ги загрозат американските војници, кои се дел од мисијата на НАТО во земјата, КФОР, може да имаат државни функции, тие ќе бидат испратени во затвор или ќе ја напуштат земјата.

„Секој што ги загрозува американските војници во Косово не му припаѓа на Косово, ниту ќе му припаѓа на Косово. Тој е само против Косово. И како непријател на Косово ќе се третира! Затоа, или ќе биде во затвор или ќе бега и ќе се крие од Косово! Без разлика која националност и каква должност има, тој-таа-тие ќе бидат казнети! Сите вие кои имате државна одговорност, доколку се најдете себеси во ова, по (дури и јавната) американска молба до Владата на Косово, знајте дека нема да ја имате заштитата на наметката што ве покрива привремено“, порача Харадинај.

Реакцијата на опозицискиот лидер и поранешен косовски премиер уследи по изјавата на американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, кој во денешното интервју за Радио слободна Европа (РСЕ) рече дека постои реална опасност поврзана со отворањето на мостот во Митровица во овој момент, што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и на американските.

„Нашата надеж е дека Владата ќе го слушне ова и ќе ги земе предвид овие грижи“, додаде тој.

Владата на Косово соопшти дека има намера да го отвори мостот на Ибар, кој ја дели Јужна Митровица со мнозинско албанско население и Северна Митровица со мнозинство Срби, за сообраќај на возила. И покрај противењето на земјите од Квинта и НАТО, косовскиот премиер Албин Курти порача дека мостот мора да се отвори и дека „тоа не е против никого“.

На прашањето на РСЕ дали КФОР би можел да се судри со косовските власти доколку тие одлучат да го отворат мостот и покрај сето противење, Ховениер рече дека не може да зборува за тоа како Косово би можело да реагира во таква ситуација, но додаде дека КФОР беше многу јасен во врска со отворањето на мостот.

Мисијата на НАТО во Косово соопшти дека нема да се колеба да се соочи со каков било развој што може да влијае на регионалната безбедност и стабилност.

„Мисијата на КФОР одржува постојано присуство на мостот и продолжува да спроведува редовни патроли во околните области за да обезбеди стабилност и безбедност, за доброто на сите локални заедници. Нема да се двоумиме да се справиме со кој било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, во целосна согласност со нашиот мандат што произлегува од Обединетите нации “, соопшти денеска КФОР. иа/

Остани поврзан