• петок, 22 ноември 2024

Хантер Бајден призна дека е виновен по обвиненијата за избегнување плаќање даноци

Хантер Бајден призна дека е виновен по обвиненијата за избегнување плаќање даноци

Вашингтон, 6 септември 2024 (МИА) - Хантер Бајден, синот на претседателот на САД Џо Бајден, призна вина по неколку федерални обвиненија за избегнување плаќање даноци и на тој начин избегна судење и последователниот репутациски удар од судењето кое се очекуваше да фрли неповолна светлина на неговите минати деловни зделки и неговиот разуздан животен стил, јавија синоќа дел од американските медиуми.

Со вчерашното признание на вина, заврши еден бурен ден во федералниот суд во Лос Анџелес, каде што требаше да започне избор на порота но тоа нема да се случи.

На почетокот на судењето, адвокатот на Бајден предложи необичен договор каде синот на претседателот би ја задржал својата невиност, додека прифаќа дека доказите се доволни за пресуда за вина.
Обвинителите рекоа дека се шокирани од предлогот за таканаречениот договор „Алфорд“ и дека нема да поддржат никакво признаниа на вина без вистинско признание на вина.

-Хантер Бајден не е невин. Хантер Бајден е виновен, изјави обвинителот Лео Вајс пред окружниот судија Марк Скарси, назначен додека претседател беше Доналд Трамп.

Подоцна, адвокатот на Бајден се врати од пауза и му рече на Скарси дека неговиот клиент ќе го отфрли такво признавање и ќе признае вина без да прави договор со обвинителите предводени од специјалниот советник Дејвид Вајс.

-Да продолжиме, изјави адвокатот на Бајден.

Тој рече дека овој кривичен прогон претставувал тежок период за семејството на Бајден и дека дополнителен стрес би било ако има судење во Лос Анџелес, каде што би биле вклучени членови на семејството Бајден како сведоци.

Додека се подготвуваше признанието, Скарси му рече на Бајден дека обвиненијата носат максимална казна од 15 години затвор и максимална парична казна од меѓу 500.000 и еден милион долари.

Синот на претседателот за ова претходно се изјасни дека е невин во однос на тоа дека не платил најмалку 1,4 милиони долари даноци кои ги должел од 2016 до 2019 година. Деветте обвиненија вклучуваат три кривични дела и шест прекршоци. Во нив се тврди дека не поднел даночни пријави или не платил даноци за време на период на екстремно трошење под влијание на дроги. кб/ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан