• четврток, 09 април 2026

Смртна казна за двајца полицајци во Бангладеш за убиството на активист во бунтот во 2024 година

Смртна казна за двајца полицајци во Бангладеш за убиството на активист во бунтот во 2024 година

Дака, 9 април 2026 (МИА) - Специјален суд во Бангладеш денеска осуди двајца поранешни полицајци на смрт за убиството на активист, чија смрт помогна во поттикнувањето на масовното востание во 2024 година, со кое беше соборена поранешната премиерка Шеик Хасина, јави ДПА.

Трочлениот судски совет на Меѓународниот трибунал за кривични дела, специјализиран суд во Дака, предводен од судијата Нозрул Ислам Мазумдер, денеска ја изрече пресудата за убиството на активистот Абу Саид, изјави главниот обвинител Аминул Ислам.

Тројца други полицајци се осудени на доживотен затвор, додека уште 25

бвинети добија различни затворски казни, кои се движат од три до 10 години затвор, пренесе германската агенција.

Од 30-те лица обвинети во врска со убиството на Саид, 24 се уште се во бегство, а шест се во притвор, наведе обвинителот Ислам.

Саид, студент на одделот за англиски јазик на Универзитетот Бегум Рокеја во северниот округ Рангпур, беше застрелан од полицијата на 16 јули 2024 година, за време на студентските протести против системот на квоти за јавни работни места.

Снимката од полицијата на која се гледа како Саид е убиен додека стоел со испружени раце, држејќи стап во едната рака, беше емитувана од медиумите и стана вирална на социјалните мрежи, предизвикувајќи широко распространето негодување кај демонстрантите.

Протестите потоа се проширија низ Бангладеш и на крајот се претворија во едно единствено барање: оставка на владата на Шеик Хасина.

Владата воведе полициски час бидејќи протестите од ден на ден стануваа сè понасилни. Во екот на жестоките протести Хасина се повлече од функцијата на 5 август 2024 година и избега во соседна Индија.

Судот во Дака во ноември лани ја осуди Хасина на смрт во отсуство за бруталното задушување на востанието, во кое загинаа околу 1.400 лица, според проценката на ОН, потсети ДПА.сд/ми/

Фото:ЕПА/Икс

Остани поврзан