• сабота, 22 март 2025

Хамилтон ја постигна првата победа како возач на Ферари

Хамилтон ја постигна првата победа како возач на Ферари

Шангај, 22 март 2025 (МИА) - Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон ја постигна првата победа како возач на Ферари. Британецот (40) победи на спринтерската трка пред Големата награда на Кина. На патеката во Шангај најбрзо ги извозе 19-те круга на трката, искористувајќи максимум од започнувањето од пол-позицијата.

Хамилтон на стартот беше нападнат од Макс Верстапен, кој стартуваше до него од првиот ред во Ред Бул. Сепак, актуелниот светски шампион не успеа да дојде до предност во борбата со Хамилтон и беше принуден да ја одбрани втората позиција. На четири круга пред крајот, сепак, Холанѓанецот беше претекнат од Оскар Пјастри со Мекларен. Австралиецот, исто така, немаше брзина да го брка Хамилтон, но немаше проблем да го задржи местото пред Верстапен, кој очигледно имаше големи тешкотии со гумите на крајот од трката.

Пјастри заврши на второто место, со 6,889 секунди зад Хамилтон, додека Верстапен беше трет со 9,804 секунди заостанување.

Четврти беше Британецот Џорџ Расел со Мерцедес, со 11.592 секунди заостанување зад победникот, а по него беше вториот болид на Ферари управуван од Шарл Леклер. Возачот од Монако заостана 12.190 секунди зад Хамилтон. Тој беше и последниот од првата група на натпреварувачи што го виде карираното знаме во Шангај.

Шести, десет секунди зад него, беше Јапонецот Јуки Цунода со РБ, а седмото место го зазеде дебитантот во Формула 1, Кими Антонели (Италија/Мерцедес).

Минатонеделниот победник на Гран При на Австралија Ландо Норис (Велика Британија) со Мекларен заврши осми.

Трката во спринт помина без посериозни проблеми, а сите 20 возачи на стартот успеаја да стигнат до целта.дс

Фото: Архива

Остани поврзан