• недела, 14 јуни 2026

Фуксе Берлин и Барселона во финалето на ракометната Лига на шампиони

Фуксе Берлин и Барселона во финалето на ракометната Лига на шампиони

Келн, 13 јуни 2026 (МИА) – Во утрешното финале во ракометната Лига на шампиони во машка конкуренција ќе играат Фуксе Берлин и Барселона.

Тимот од Берлин попладнево во првото полуфинале на фајнлфорот во Келн го совлада Магдебург со 40-35 (19-17), додека Барселона триумфираше над дански Алборг со 37-32 (15-11, 28-28) по продолженија.

Полуфиналето помеѓу Фуксе Берлин и Магдебург беше реприза на ланското финале, но овој пат со поинаков крај. Минатата сезона, Магдебург ја освои шампионската титула, додека берлинскиот клуб играше во финалето за прв пат и беше поразен.

Во денешното полуфинале, берлинскиот тим доминираше и водеше во голем дел од натпреварот и на крајот рутински ја зачува предноста за второ финале едноподруго, предводен од Матијас Гидсел, кој постигна девет голови.

Во полуфиналната пресметка меѓу Барселона и Алборг, шпанскиот тим имаше предност од 15-11 на полувремето, но Данците постепено ја намалуваа разликата. Израмнија на 28-28 на минута и пол пред крајот и имаа напад за победа што не го реализираа.

Во дополнителните десет минути, Барселона доминираше, стекна предност од 34-30 и в недела ќе се обиде да ја освои европската титула по рекорден 13. пат во клупската историја. ег

ФОТО: ЕПА