Фреди Белери во затвор, ЦИК му го потврди мандатот за градоначалник на Химара
Тирана, 25 мај 2023 (МИА) - Престојот на Фреди Белери во затвор под обвинение за купување гласови не влијаеше на Централната изборна комисија(ЦИК) на Албанија.
- Попладнево претседателот на комисијата, Илиријан Челибаши му го додели мандатот за градоначалник на Химара, кој беше избран на 14 мај. Одлуката ниту ја бранеа ниту се спротивставија претставниците на политичките партии во ЦИК, јави Ора њуз.
Претходно, во текот на денов адвокатите на Белери и другиот притвореник Пандели Кокавеши поднеле жалба со барање да бидат ослободени од затворската ќелија во која престојуваат од 12 мај.
- Белери бара запирање на случајот, тврдејќи дека нема докази за да го вклучи во кривичното дело за кое е обвинет. Кокавеши бара поблага мерка од „затворски притвор“, со тврдење дека неговата здравствена состојба му го загрозува животот во изолација. Обвинителството тврди дека има докази за вмешаност на Белер во купување гласови во Химара. Според истражното досие, имало инфилтриран агент кој разговарал со него ноќта на 12 мај за да добие 3.600 евра во замена за 8 гласа, наведува телевизијата.
Според аналитичари, прашани за став, од моментот на заверување на мандатот, Фреди Белери се смета за градоначалник, но владата може да донесе одлука за негово разрешување, доколку во рок од три месеци не даде заклетва, бидејќи не може да ги извршува своите должности од затвор.
Сепак, додаваат дека работите може да се променат доколку Апелациониот суд одлучи да продолжи истрагата а нему да му се укине затворскиот со домаше притворот или да се брани од слобода, со што ќе може да ги извршува должностите на градоначалникот на Химара.
По прашањето "Белери" имаше серија реакции и од официјална Атина со барање за негово ослободување и предупредување дека може да влијае врз евроинтегративниот пат на Албанија. вт/