• среда, 27 ноември 2024

Франција повика на 21-дневен прекин на огнот меѓу Хезболах и Израел

Франција повика на 21-дневен прекин на огнот меѓу Хезболах и Израел

Њујорк, 26 септември 2024 (МИА) – Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро најави дека заедничкиот план со САД, кој ќе предложи 21-дневен прекин на огнот меѓу Израел и шиитската милиција Хезболах во Либан, ќе биде претставен „многу наскоро“.

- Ситуацијата во Либан денес може да достигне точка од која нема враќање, рече Баро на состанокот на Советот за безбедност на ОН во средата.

- Војната не е неизбежна. Дипломатско решение навистина е можно. Во последните денови работевме со нашите американски партнери на привремена платформа за прекин на огнот од 21 ден за да овозможиме преговори, рече Баро, додавајќи дека планот ќе биде објавен „многу наскоро“.

- Сметаме на двете страни да го прифатат без одлагање, рече Баро, нагласувајќи дека е можно да се најде дипломатски пат за излез од конфликтот.

- Тензиите меѓу Хезболах и Израел може да се прелеат во регионот и во генерализиран конфликт. Последиците би биле непроценливи, рече францускиот дипломат.

- Работиме со други земји на предлог кој се надеваме дека ќе доведе до смирување и ќе овозможи дискусии за дипломатско решение, изјави неколку минути подоцна американскиот заменик амбасадор во ОН Роберт Вуд. „Го охрабруваме Советот за безбедност да ја даде својата поддршка за овие дипломатски напори во наредните денови“, додаде тој.

- Многу сме загрижени од извештаите дека стотици либански цивили загинаа во последните денови, рече Вуд, повторувајќи го и ставот на Вашингтон дека Израел има право да се брани од нападите на Хезболах. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан