• вторник, 24 декември 2024

Форум за културна дипломатија: Неопходни ни се граѓани посветени на мирот и солидарноста (ДПЛ)

Форум за културна дипломатија: Неопходни ни се граѓани посветени на мирот и солидарноста (ДПЛ)

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - По катастрофалниот земјотрес, Скопје беше пример за меѓународната соработка и солидарност. Скопје е град кој што е реизграден врз основа на солидарноста. Неопходни ни се граѓани кои се посветени на мирот. Мирот треба да се гради почнувајќи од секој поединец па до целото општество, беше посочено денеска на Форумот за културна дипломатија во Скопје.

Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов на Форумот посочи дека Форумот го оддржуваме во година кога одбележуваме 60 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Како што потсети, во најсмртоносниот земјотрес кој се случил на Балконот загинаа 1.070 граѓани, околу 3 илјади беа повредени, а 800 луѓе останале инвалиди.

Тој рече дека по катастрофалниот земјотрес, Скопје беше пример за меѓународната соработка и солидарност.

-На овој Форум се укажува на моќта и значењето на културната дипломатија, односно меката моќ, неопходната меѓународна соработка и неопходноста од мирот во светот. Со ова допира заветот до младите генерации дека на светот денес му се потребни лидери посветени на мирот, како што беше Џон Кенеди. Неопходни ни се граѓани на светот кои се посветени на мирот и грижа за бедните, каква што беше Мајка Тереза. Мирот не треба да се бара во гласната тишина на гробиштата, каде денес е најмирно, туку во нашите срца и нашите души, рече Иванов.

Директорот на Институтот за културна дипломатија, Марк Донфрид, информирајќи за потеклото на културната дипломатија која датира од крајот на XIX. век, објаснуваше за идејата која стои зад самиот поим и генерално се базира на „мека моќ“, но рече дека таа константно еволуира.

Александар Трајановски од Град Скопје на Форумот потенцираше дека Град Скопје е град кој што е реизграден врз основа на солидарноста.

-Токму поради таа емпатијата и културолошка соработка овој град повторно беше изграден, односно кренат од пепелта во која што беше најден, рече Трајановски. 

Тој исто така сподели информација дека земјотресот во Скопје е првата светска катастрофа којашто е емитувана на малите екрани и дека преку тие мали екрани Скопје ја добива целата симпатија, емоција и сочувство од сите градови во целиот свет и затоа за толку брзо време целиот светски форум се обединува и почнува да работи за обновување на Скопје и праќаат својата помош.

- Токму оваа катастрофа во Скопје ги обединува двете најголеми светски сили коишто доаѓаат токму на тлото на Скопје од страна на Русија и САД, коишто во тој период се наоѓаат во една матна и ладна војна, каде што за прв пат си подаваат рака и ги надминуваат своите разлики и недоразбирања во интерес на едно поголемо добро, истакна Трајановски

Тој укажа дека Градот Скопје е партнер на форумот со цел на прераснување на овој настан на годишно ниво за воспоставување на меѓусебна координација, соработка, како и планирање и реализација на активностите поврзани со истото и дека во таа насока потпишан е и меморандум за соработка меѓу Град Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, Германија. бт/сх/

Фото: МИА

Остани поврзан