• четврток, 07 ноември 2024

Фондацијата „Заев-едно општество за сите“ донираше амбулатно возило на струмичката болница

Фондацијата „Заев-едно општество за сите“ донираше амбулатно возило на струмичката болница

Струмица, 24 јануари 2024 (МИА) - Фондацијата „Заев-едно општество за сите“ денеска донираше амбулатно возило на струмичката болница. Директорот на Фондацијата Зоран Заев и ги предаде клучевите од возилото наа директорката Катерина Кузмановска, а на настанот присуствуваа и заменик министерката за здравство, Маја Манолева и поранешниот министер за здравство, сега член на Одборот на Фондацијата, Венко Филипче.

Според него, донацијата е во континуитет на еден процес за поддршка на Општата болница во Струмица и тоа не само во делот на донации туку и претходно во мандатот на оваа Влада болницата била многу поддржувана.

-Се инвестираше многу во тој период секаде, не само тука. Струмичката болница во тој период доби апарат за магнетна резонанца, дигителен мамограф и рентген апарат, се обновуваше ангеографот кој служи на целиот регион за пациентите кои имаат проблем со срцевите болести, се примија околу триесетина доктори, се пратија на специјализација околу 25 лекари и сето тоа во насока на што подобра и поквалитетна здравствена заштита на граѓаните во овој регион, рече Филипче.

Заменик министерката Маја Манолева истакна дека ова комплетно опремено амбулатно возило ќе биде во служба на струмичката болница и ќе служи за потребите на населението од овој регион.

-На тој начин потенцијалните пациенти ќе добијат побрза, побезбедна и поефикасна здравствена заштита, што секако е цел на целиот здравствен систем, но и на сите нас како граѓани во ова општество. Оваа донација не е само чин на хуманост, туку претставува и поттик за сите нас коишто делуваме во ова општество да го земеме како еден позитивен пример и кој да биде поттик и за други да го следат, рече Манолева.

Директорката на болницата Катерина Кузмановска се заблагодари на донацијата.

-Возилото ни е од огромно значење, имајќи предвид дека нашата болница ги покрива здравствените услуги од поголем дел од Југоисточниот регион, некаде околу 120-130 илјади граѓани кои ги користат нашите здравствени услуги и на дневно ниво во болницата поминуваат некаде од 500 до 600 пациенти и имаме околу 60 хоспитализирани пациенти и често пати имаме потреба за транспорт на пациенти во Клиниката за Скопје, рече Кузмановска.

Инаку, ова е трето амбулатно возило донација од Фондацијата „Заев-едно општество за сите“, односно претходно две донираше семејството Заеви, како и заштитна опрема за вработените во Ковид центарот и друга медицинска опрема. рт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан