• среда, 27 ноември 2024

Финска ќе гласа за враќање на мигрантите од границата со Русија

Финска ќе гласа за враќање на мигрантите од границата со Русија

Хелсинки, 12 јули 2024 (МИА) - Финскиот парламент денеска треба да гласа за предлог-законот со кој на пограничните служби им се дава овластување да ги враќаат барателите на азил кои преминуваат од Русија, откако повеќе од 1300 луѓе пристигнале во земјата, принудувајќи го Хелсинки да ја затвори границата.

Финска ја обвини соседната Русија дека ја користи миграцијата како оружје, поттикнувајќи многу мигранти од земји како Сирија и Сомалија да ја преминат границата, што Кремљ го негира. Хелсинки верува дека Москва ги поттикнува премините како одмазда за влезот на Финска во НАТО.

Десничарската влада на премиерот Петери Орпо рече дека предлог-законот е клучен за запирање на идните пристигнувања, иако законот е во спротивност со меѓународните обврски на Финска во врска со човековите права. Од март нема нови пристигнувања на баратели на азил. Финска кон крајот на минатата година ги затвори копнените граници со Русија. Се очекува дека законот ќе биде усвоен, бидејќи ќе го поддржи мнозинството пратеници од главната опозициска партија, Социјалдемократите, според изјавите на партиските функционери. Аналитичарите наведуваат дека е можно некои социјалдемократи да гласаат поинаку, па мнозинството да биде тесно.

За законот да биде усвоен, парламентот прво мора да се согласи со итна постапка. Предлог-законот треба да биде одобрен со двотретинско мнозинство. Поддржувачите на законот велат дека тој е потребен за да можат властите да го запрат притисокот од мигрантските бранови на Финска.

„Ако Русија сака, таа има способност да мобилизира и турка стотици, илјадници таканаречени баратели на азил до нашите граници во рок од неколку дена или недели“, изјави Бен Зискович, пратеник од владејачката, конзервативна Национална коалициска партија.

Спротивно на тоа, лидерот на опозициската Зелена партија, Софија Вирта, рече дека пратениците треба „да се придржуваат до владеењето на правото“ и „да ги почитуваат меѓународните обврски на Финска“. „Нема гаранција дека ова ќе биде ефикасен начин за неутрализирање на непријателското влијание на Русија“, додаде таа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан