• вторник, 16 декември 2025

Филипче: СДСМ интензивно работи на разоткривање на корупциските скандали на Владата на ВМРО-ДПМНЕ

Филипче: СДСМ интензивно работи на разоткривање на корупциските скандали на Владата на ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 15 декември 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва изјави дека преку интензивна политичка борба и објавување на факти и докази, партијата ќе ја разоткрие и разобличи, според него, недемократската и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со цел граѓаните да ја дознаат вистината за корупциските скандали и злоупотребите на институциите на оваа влада. 

- Има многу теми на коишто треба и мора да се разговара, многу работи коишто треба да се направат за да се разоткрие оваа недемократска и практично криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ,  истакна Филипче во вечерашното интервју во емисијата „360 степени“. 

Тој нагласи дека СДСМ и антикорупцискиот тим на партијата интензивно работат на анализа и разоткривање на корупциските скандали на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Работевме интензивно на разоткривање, анализа, посебно нашиот антикорупциски тим работеше на овие корупциски скандали, кои што постепено ги објавуваме. Материјали има навистина многу, јавноста се повеќе ќе биде запознавана и јас мислам дека на моменти ќе биде и запрепастена кога ќе слушне што тоа прават членовите на владата, членови, раководители на многу институции, блиски луѓе до ВМРО-ДПМНЕ, рече Филипче.

Филипче рече дека најавите за прифаќање мигранти во замена за финансиски средства претставуваат директно предавство и продажба на националните интереси и безбедноста на државата.

- Релевантни британски медиуми, Тајм, Телеграф, кажуваат дека македонската влада, официјално преговарала, со тие зборови, официјално преговарала да се преземат такви одбиени баратели на азил од Велика Британија. Значи, такво понижување нашите граѓани досега не доживеале. Тоа значи дека оваа влада дозволила и влегла во преговори официјални, да луѓе кои се одбиени од Велика Британија бидат примени кај нас. Тоа значи дека некој што не е добар за Велика Британија, ние ќе го примиме. Па зошто некој што не е добар за било каде да го примиме ние? Тоа е прво. Второ, според повторно релевантни британски медиуми, за тие луѓе, владата ќе зима пари. И тоа сето врзано со ова кредитирање од 6 милијарди евра. Значи, ние земаме мигранти кои не се соодветни, кои се, којзнае зошто се осомничени или осудени и не можат да останат во Велика Британија, владата ги зема кај нас. При тоа плаќаме огромни камати за некои кредити од 6 милијарди евра. Па, кај го има ова? Па, ова е рамно на национално предавство, рече Филипче.

 СДСМ, како што кажа тој, нема да молчи за ваквите опасни политики и ќе продолжи јавно да ги разобличува сите договори и потези кои ја загрозуваат државата, европската перспектива и безбедноста на граѓаните.

Во интервјуто Филипче потенцираше дека СДСМ има одговорност кон граѓаните за вистината да биде објавена. 

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, според него, ја турка Македонија во опасна политичка зависност од Србија и Унгарија и дејствува како подизведувач на интересите и политиките на двете Влади во овие држави.

- Има многу елементи коишто укажуваат на поврзаноста на власта на ВМРО-ДПМНЕ со Вучиќ во Србија и со власта на Орбан во Унгарија. И тоа не го кажуваме ние, ниту јас, ниту СДСМ. Тоа е споменато во претпоследниот извештај на Европскиот Парламент, во којшто јасно се потенцира присуството и влијанието на српско-рускиот свет во Македонија, истакна Филипче.

Како пример, тој го посочи влезот на Алта банка, која како што кажа има забрана во ЕУ.  Филипче додаде дека не е тајна односот на Владата на ВМРО-ДПНЕ кон Унгарија и Србија, а со падот на автократските режими во регионот ќе дојде и крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Не е тајна воопшто. Кога гледаме како се поставува нашата влада кон владата во Унгарија. Оваа власт на Христијан Мицкоски тука е дојдена со логистичка и финансиска поддршка од страна на  Србија и Унгарија. Унгарија колку време го чува побегнатиот Никола Груевски? Така што со падот на тие автократски режими, на таа оска, полека доаѓа и крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече Филипче.

Во интервјуто, претседателот на СДСМ, меѓудругото, зборуваше и за формирањето на нов тим и притоа кажа дека досегашното место ќе го задржи генералниот секретар Александар Димитријевиќ, еден од потпретседателите ќе биде кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски, а утре ќе ги соопшти и другите имиња на членовите на раководството и на Извршниот одбор

Филипче посочи дека одлуките и изборот ќе се направат на утрешниот Централен одбор на партијата. Говорејќи за процесот на формирање на новиот тим, тој потенцираше дека е клучна рамнотежата меѓу искуството и младоста. ев/

ФОТО: СДСМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан