• четврток, 26 декември 2024

ФДА го одобри првиот лек за замастен црн дроб

ФДА го одобри првиот лек за замастен црн дроб

Вашингтон, 15 март 2024 (МИА) - Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) вчера го одобри лекот на „Мадригал фармацутикалс“ (Madrigal Pharmaceuticals) за третман на заболување на замастен црн дроб, познато како „неалкохолен стеатохепатитис“ (НАСХ). Ова е првиот третман што доби одобрение за состојбата, отворајќи можност за компанијата вредна милијарди долари.

НАСХ, од неодамна познат како „стеатохепатитис поврзан со метаболичката дисфункција“ (МАСХ), погодува околу 1,5 милиони луѓе само во САД, според проценките на компанијата. И, досега немало одобрен лек за него. Оралниот лек на „Мадригал“ ќе биде достапен под називот „Рездифра“ (Rezdiffra) почнувајќи од април, објави извршниот директор Бил Сиболд.

- Одобрувањето од ФДА означува пресвртница за пациентите, по низата неуспеси во изминатово десетлетие. Тоа ќе ја отвори вратата за терапија со лек што им е очајно потребен, изјави Лорејн Стил, управителка на Американската фондација за пациенти со заболен црн дроб.

Компанијата „Мадригал“ го цени лекот по годишна големопродажна цена од 47.400 долари. Аналитичарите проценуваат дека годишната продажба ќе надмине пет милијарди долари.

„Лекот на 'Мадригал' е одобрен за пациенти кои имаат НАСХ со фиброза или лузни кои напредувале до степен 2 или 3 по сериозност“, објави компанијата.

Акциите на „Мадригал“ пораснаа за 24 отсто до 301,99 долари во продолженото тргување на Волстрит.

Причините за НАСХ не се целосно позбнати. Најчесто ова заболување се поврзува со дебелина, хипотироидизам, дијабетес, високи нивоа на маснотии во крвта и слични здравствени проблеми. Предизвикува прекумерна акумулација на маснотии во црниот дроб, како и воспаление и лузни на тој орган. Фармацевтските компании „Акеро терапеутикс“, „89-био“, „Вајкинг терапеутикс“ и „Сагимет бајосајенсес“ спроведуваат слични испитувања на нивни лекови за болеста во средна и доцна фаза.  си/сд/

Фото: „Мадригал фармацутикалс“

Остани поврзан