• петок, 05 декември 2025

УЈП со едукативни активности во средното училиште „Ацо Русковски“ во Берово

УЈП со едукативни активности во средното училиште „Ацо Русковски“ во Берово

Берово, 25 ноември 2025 (МИА) - Управата за јавни приходи продолжува со спроведување на едукативни активности во средните училишта ширум државата со цел зајакнување на знаењето и свеста кај младите за значењето на даночната култура и фискалната одговорност.

Учениците од четврта година од ОСУ „Ацо Русковски“ во Берово имаа можност да се запознаат со основните принципи на даночниот систем, начинот на негово функционирање, како и важноста од активната улога на секој граѓанин во градењето фер, транспарентно и просперитетно општество.

- Посебен акцент беше ставен на тоа дека плаќањето даноци не претставува само административна обврска, туку инвестиција во подобра иднина – во современи училишта, квалитетни здравствени услуги, модерна спортска инфраструктура, развој на патишта и јавни услуги кои се достапни за сите граѓани, информираа од училиштето.

На едукациите, како што додадоа, присуствуваа идни лекари, економисти, правници, инженери, музичари, спортисти и други млади професионалци кои преку интерактивен пристап ја добија можноста да отвораат прашања, споделуваат мислења и се вклучат во отворена дискусија.

Од УЈП порачаа дека фискалната писменост уште во младите години претставува клучна инвестиција во развојот на одговорни и информирани генерации, со главната пораката од активностите: „Твој данок – Твоја иднина“. вс/мд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан