• понеделник, 23 декември 2024

Училиштен округ во САД го враќа ќотекот како мерка

Училиштен округ во САД го враќа ќотекот како мерка

Лос Анџелес, 25 август 2022 (МИА) - Училишниот округ Касвил, Мисури, САД, одлучи повторно да го воведе физичкото казнување на учениците. Според новиот правилник, физичката казна - удирањето ќе се применува како последна мерка, пред суспензијата, односно доколку не успеат другите дисциплински мерки.

„Тоа ќе се врши на начин каде нема можност за физичка повреда. Удирањето на ученик по глава или лице не е дозволено, туку само по задникот“, стои во правилникот. - Казната ќе се користи само на разумен начин и по препорака на директорот, објасни Мерлин Џонсон, началникот на училиштата во Касвил. Училишниот одбор ја одобри мерката во јуни и ги извести родителите дека ја враќа дисциплинска мерка што областа престана да ја практикува во 2001 година. Инаку, минатогодишно истражување откри дека родителите и старателите побарале дополнителна дисциплинска мерка. - Некои родители рекоа дека не сакаат учениците да бидат суспендирани. Тие сакаат друга опција, а ова (удирањето, б.п.) ќе се користи како можност пред суспензијата, објасни Џонсон. Родителите кои сакаат нивните деца да бидат удирани, можат да потпишат формулар во којшто се согласуваат со тоа. Телесното казнување во училишната област ќе се спроведува само од директорот и во присуство на сведоци. Никогаш нема да се спроведе во присуство на други студенти, велат правилата. Врховниот суд на САД пресуди дека физичкото казнување во училиштата е уставно и остави на надлежните да одлучат дали ќе го спроведуваат тоа. Во мигов, 19 сојузни држави, претежно на југот од земјата, сè уште дозволуваат физичко казнување.  си/

Остани поврзан