• среда, 25 декември 2024

Учесниците на Форумот за културна дипломатија Скопје 2023 на средба со Националниот совет за евроинтеграции

Учесниците на Форумот за културна дипломатија Скопје 2023 на средба со Националниот совет за евроинтеграции

Скопје, 6 септември 2023 (МИА) – Сите партии во Германија немаат дилеми и го поддржуваат процесот на вклучување на земјите од Западен Балкан во европското семејство. Сакаме овие земји да станат членки на Европската Унија, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Проширувањето на Западен Балкан е генерално во стагнација, а во последните 20-ина години има многу проблеми коишто не се нормални во пристапните процеси, рече Армин Лашет од партијата ЦДУ во обраќањето на седница на Националниот совет за евроинтеграции кој денеска организираше средба со учесниците на Форумот за културна дипломатија Скопје 2023.

-Сега разговараме за балканските земји и кај сите е различен процесот на интеграција, рече Лашет, додаваќи дека Србија веќе ги почнала преговорите, минатата година тоа го сторила и Албанија, а за Северна Македонија, која е кандидат од 2005 година Европската комисија се согласила да го почне преговарачкиот процес, меѓутоа треба да се идентификуваат барањата што се уште се нема случено.

Смета дека „не е фер процес“ кога се разговара Украина да стане земја членка на ЕУ.

-Тоа е поттик за Украина во овој момент со војната, дека вратата за неа е отворена, но сите што очекуваат дека Украина може да стане наскоро членка на ЕУ, не ги разбираат европските процеси. Мислам дека земјите од Западен Балкан треба пред тоа да станат членки и треба да поставиме приоритети, додаде германскиот политичар.

Порача дека државите мора да соработуваат затоа што „за големите предизвици во светот, тие се премногу мали за да се изборат делувајќи одделно“ и, како што рече, „знаејќи ја историјата, да користат прагматични решенија за проблемите што ги имаме  денес“.

-И ако е ова европската перспектива, мислам дека ќе можеме да најдеме решение и за пристапниот процес. Ни требаат соодветни чекори како да се доведат државите поблиску до ЕУ... Јас сум за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, меѓутоа на прагматичен начин, да се надминат различните историски позиции и омраза што постојат од минатото. Ова е европската перспектива, истакна Лашет.

Според пратеничката од Хрватска, Далија Орешковиќ. најголемата мотивација доаѓа од изгледите за промена и посочи дека по две децении стагнација во пристапниот процес, како што рече, „се слушнаа гласови во ЕУ кои поставија нова објективност за земјите од Западен Балкан“.

„Вредно искуство“ го нарече пристапниот процес на Хрватска во ЕУ, каде што е полноправна членка десет години.

-И по десет години ние сѐ уште не сме тоа што мислевме дека ќе бидеме. Овој процес што трае е на напредок и регресија, угорнина и удолнина, и е пример за кандидатите да ги следат тие чекори... Со оглед на предизвиците и дилемите кои кандидатите ќе ги имаат, верувам дека значителна помош може да се понуди со тоа што ќе се погледне подлабоко од донесените закони односно практичната имплементација. Иако многу закони се исти или слични на оние од други земји членки на ЕУ, спроведувањето никогаш не може да биде исто. Ако сте неадекватно подготвени ќе имате проблеми да го држите чекорот со останатиот дел од Унијата, рече Орешковиќ.

Како претходен член на Антикорупциската комисија во Хрватска, таа оцени дека за да се исполнат условите е особено важно владеењето на правото.

-За да се забрза процесот, сфатив дека е потребно повеќе од промена на законите. За успешен напредок е важно да се создадат важни столбови на демократијата. За нациите кои поминуваат транзиција и кои сакаат полноправно членство во ЕУ, гледам три клучни области, три столба на демократијата – зајакнување на индивидуалниот идентитет, зајакнување на независните институции наспроти клиентелизмот и да се зајакне контролата на државните власти една со друга, рече пратеничката во хрватскиот парламент.

Корупцијата, како што рече, е „упорен предизвик кај сите кандидати за ЕУ“ и институциите немаат адекватни ресурси.

-Дури и Хрватска сѐ уште го има тој проблем, институциите немаат доволно ресурси за да се справат со систематската корупција. Затоа немојте да се обесхрабрувате доколку нешто не е се уште постигнато, рече Орешковиќ.

Во фокусот на годинашниот Форум за културна дипломатија Скопје 2023 е разбирање и мир преку културна дипломатија која, пратеничката во Парламентот во Шкотска, Мишел Томсон, ја нарече мека моќ.

-Таа е мека моќ која не знае за граници. Знаеме дека Шкотска е синоним за тартан, виски и за гајди, но во исто време е и синоним за универзитети и за извоз на квалитетни добра. Многумина гледаат на Шкотска како место каде што можат да развијат бизнис и земја со која можат да соработуваат. Низ вековите Шкотска имала трговски односи со Балканот, за што наоѓаме докази од 15 век. Тоа се темелело на доверба и тие темели на доверба денеска ја олеснуваат трговијата, рече шкотската пратеничка.

Форумот за културна дипломатија, кој се одржа вчера, го организира Канцеларијата на поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, и Меѓународниот институт и Академијата за културна дипломатија. Учесници се поранешни претседатели и премиери на држави, актуелни и поранешни министри, пратеници и европратеници. хс/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан